Заев по изјавата на Боки 13: Секој што се огрешил пред законот да си одговара

Лидерот на СДСМ Зоран Заев во изјава за „Фокус“ ги оценува како лажни обвинувањата што против него и неговиот брат ги искажа Бојан Јовановски – Боки 13, кој денеска беше осуден на девет години затвор за случајот „Рекет“. Тврди дека Јовановски лаже бидејќи тој ги одбил сите негови барања да му помогне во судскиот процес.

„Денешната пресуда за овој случај е потврда дека правдата функционира независно за кого станува збор. Заврши времето кога политичари се јавуваа во правосудството за да заштитат прекршители на законот. И покрај тоа што сите докази за случајот познат во јавноста како Рекет и се добро познати на јавноста, сепак Бојан Јовановски вака јавно да лаже е од единствена причина, според мене, што токму јас го пријавив овој случај и секако ги одбив сите барања од него преку посредници за да му помогнам во судскиот процес, наведува Заев.

Додава дека продолжува да се бори за владеење на правото, законот да важи еднакво за сите, без разлика за кого се работи и, како што посочува, секој што се огрешил пред законот да си одговара.

Претходно во четвртокот судот на првообвинетиот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13 му изрече казна затвор од девет години. Судот Јовановски ги прогласи за виновен за сторените кривични дела – „примање награда за противзаконити влијание“ и за „перење пари“, а Катица Јанева за „злоупотреба на службена положба и овластувања.

По изрекувањето на пресудата Јовановски кажа дека судот донел политичка одлука и дека вистинските рекетари се на слобода.

„Јас овој ден ќе го прогласам како ден на политичката кампања во Македонија. Донесовте политичка одлука. Рекетираните пари барајте ги кај Зоран и Вице Заев“, рече Јовановски по што судијката побара да биде изнесен надвор доколку не зборува за пресудата.

„Сметам дека притворот којшто ми беше определен беше тенденциозен. Нема да се дадам во бегство. Едвај го чекам први јули, едвај чекам да дозволите да отидам во ЈО овие денови да ги пријавам сите кривични дела за сите вистински сторители на кривични дела. Знам дека ќе ми го продолжите притворот поради тоа што така ви е наредено“, кажа популарниот Боки-13.

Покрај деветгодишната затворска казна за Бојан Јовановски, за случајот „Рекет“ затвор од седум години доби и поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева.