Заев потфрли со реконструкцијата, не го испорача ветеното кон граѓаните

Наместо темелна кадровски промени, предлогот на премиерот Зоран Заев за смени во министерски фотелји од јавноста и политички аналитичари е оценет само како козметички потег наместо драстични и драматични смени какви што најавуваше Заев во текот на кампањата за претседателски избори.

„Се’ се сведе само на козметички промени, ни одблиску на она што премиерот го најавуваше по првиот круг од претседателските избори. По предлогот вчера можеме да заклучиме дека онаа изјава на премиерот лани кога се бараше оставка од еден од министрите дека нема други кадри со кои може да работи била крајно искрена“, коментира политичкиот аналитичар, Владимир Божиновски за предлог владината реконструкција

Според аналитичарите, доколку премиерот не демонстира поголем капацитет за промени во раководните позиции при најавените смени во директорските фотелји власта повеќе не може да се надева на голем доверба меѓу граѓаните, туку напротив и онака опаѓачкиот рејтинг ќе се намалува дополнително.

Заев предложи нови министри во ресорите земјоделство каде треба да седне Трајан Димковски, во локална самоуправа доаѓа лидерот на ЛДП, Горан Милевски, за животна средина предложен е Нуредин Нуредини, а за култура Хусни Исмаили.

Нов кадар Заев ќе бара и за заменик министер во образование

Само ден под предлогот за реконструкција во Владата, премиерот Зоран Заев сега е принуден да бара ново кадровско решение и за позицијата заменик министер за образование откако актуелниот Петар Атанасов најави дека поднесува оставка од позицијата.

Атанасов е незадоволен од ангажираноста на министерот за образование, Арбр Адеми, но и на премиерот Заев околу реформирањето на образованиот систем. Според Атанасов, револуцијата што ја подигнале си ги јаде децата.

„За жал, моите очекувања дека преку политички ангажман во изминатите шест години ќе влијаам во насока на реално подобрување на состојбите во општеството, особено во образованието и несебичното вложување за таа цел, не се остварија. СЕ чини дека иако декларативно сите говорат дека се залагаме да ги задржиме младите во државата, без вистинска реформа и поквалитетно образование, како и можност за поголем просперитет за младите, тоа нема да се случува“, напиша Атанасов објавувајќи ја својата намера да замине од сите функции во министерството во Владата и да и се врати на професорската дејност.

Реконструкција полна контраверзии

Потегот на премиерот да се самопредложи за министер за финансии, на местото на досегашниот прв финансиер Драган Тевдовски е најкоментираниот дел од владината реконструкција.

Експерти по економија јасно изразуваат сомневање дека Заев има капацитет да ги извршува двете функции одеднаш. Велат раководењето со државната каса побарува максимална посветеност и целодневен ангажман, а Заев како премиер нема да биде во можност да го испорача тоа.