Заев: Повторно судење за 27 април не значи амнестија

Повторното судење за „27 април“ не значи ниту помилување ниту амнестија. Ова е оценката на премиерот Зоран Заев, според кого изјавата на претседателот Стево Пендаровски не подразбира мешање во работата на судството. Заев вели дека законски, секој има право да побара повторно судење доколку се обезбедат нови докази, но без да посочи дали знае за какви докази се работи.

Од ДУИ велат дека изјавата на претседателот е негова индивидуална позиција, со која тие не се согласуваат. Според нив, судските одлуки треба да се засноваат на докази, а не на телефонски пораки.

„Не ги сметам индивидуалните ставови како мешањето во судството, туку како коментар на процесите и како лична перспектива на одредени лица. ДУИ е целосно посветена на ветинг во судството, обвинителството и политиката, пред сè, како и донесување одлуки засновани врз владеењето на правото, а не за донесување одлуки врз основа на телефонски налози“.

ВМРО – ДПМНЕ најави дека утре лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, ќе се сретне со претседателот Пендаровски за да разговара за модалитетите за отворање на случајот „27 Април“, каде судскиот епилог беше пресуди за терористичко загрозување на уставниот поредок.