Заев: Предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот со Бугарија

Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерот Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, ги прими и одржа работна средба со министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва и со еврокомесарот за соседска политика Оливер Вархеји.

На средбата во Клуб на пратеници, Силва и Вархеји ги презентираа предлог решенијата за надминување на проблемот помеѓу Македонија и Бугарија кои имаат за цел да гo деблокираат отворањето на преговорите на земјата со ЕУ со одржување на првата меѓувладина конференција.

– Министерот за надворешни работи на Португалија Силва и еврокомесарот Вархеји денеска донесоа предлог решение чија цел е надминување на проблемот помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам и на двајцата, министре Силва, еврокомесаре Вархеји, за вашата професионалност, посветеност и одлучност да помогнете на Северна Македонија, на Бугарија, на целиот Западен Балкан, а со тоа и на цела Европа, за сите заедно да продолжиме на патот кон прогресот и просперитетот. Јас, со тимот во Владата задолжен за овие преговори, пред сѐ со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, сериозно и одговорно ќе ги разгледаме сите детали од предложеното решение. Важно е дека, во овој момент јасно и одговорно можеме да кажеме дека предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот, решение со кое ќе се отстранат сите пречки и ќе се отворат преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија. За нас, особено важно е што со ова предлог решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија – рече Заев.

После ова, додаде тој, сметаме дека сме во вистинскиот момент да одиме чекор понатаму, да се вложиме сите и час поскоро да постигнеме договор во интерес на заедничката европска иднина.

– Тоа го очекуваат и го бараат граѓаните на нашите две земји, тоа го очекуваат европејците, тоа си го должиме себеси, тоа му го должиме на народот. Ја имаме добрата волја, внимателни сме и имаме разбирање за нашите соседи, ги имаме нашите јасни идентитетски македонски позиции за кои не преговараме, а за кои Брисел покажа разбирање, и се надевам дека со ист таков пристап ќе се сретнеме со Софија за доброто на двата народа и за заедничката иднина на двете земји како соседи и пријатели, како членки на НАТО и како идни партнери и членки на ЕУ – истакна Заев.

Средба со Силва одржа и претседателот Стево Пендаровски.

„На средбата се разговараше за можностите за напредок на Северна Македонија во евроинтеграциите, во пресрет на одржувањето на Советот на Европската Унија следниот месец. Соговорниците разменија информации и мислења за билатералните прашања врзани со добрососедските односи, во контекст на надминување на проблемите со Бугарија. На средбата се потенцираше важноста за скорешно одржување на меѓувладината конференција и формалниот почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија. Претседателот изрази благодарност до министерот Силва за напорите на португалското претседателство коешто, покрај бројните значајни теми, ја одржува во фокус и дебатата за проширувањето на Европската Унија“, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.