Заев предложил избори на 22 или 29 декември годинава, кога нема ништо важно во државата

Премиерот Зоран Заев по лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски рече дека предлогот на СДСМ за предвремени избори бил на 22 декември годинава, но опозицијата барала сто дена влада.

„Нашиот предлог беше 22 или 29 декември да одиме на избори, во период кога нема ништо важно во државата би можеле да го завршиме избирачкиот процес, а притоа да очекуваме Шпанија во декември или јануари да направи ратификација на протоколот од НАТО, ние да имаме функционален парламент, кој на крајот кога ќе го ратификуваат сите земји членки. Нашиот парламент да го ратификува протоколот од НАТО, да го депонираме во Вашингтон и со тоа да станеме членка на НАТО“, рече тој.
Додаде дека опозицијата коментирала дека во тој случај нема 100 дена влада.

„Имаше и други опции 22 март, 29-ти март, 12-ти април, но сите сме согласни дека
изборите ќе се одржат на 12 април“, рече Заев.
За тоа колку ќе трае техничката влада и кој ќе дојде на негово место, Заев вели
дека ќе има дополнителни консултации.

„Имаме можност да разговараме и за промена на изборниот модел. За СДСМ е прифатливо да имаме една изборна единица, но треба да ги слушнеме и другите политички партии. За нас е важно да направиме еден исчекор напред кон демократизацијата“, додаде Заев.

Во врска со пописот кој беше предвиден да се спроведе во април следната година, Заев изјави дека допрва ќе се договора, но дека неговиот став е дека пописот треба да се одржи во 2020 година.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.