Заев преку Лиле Поповска го отвора Изборниот законик!?

Без договор со опозицијата, но и со владиниот партнер ДУИ СДСМ и Зоран Заев влегуваат во процедура за измена на Изборниот законик.

Група од десетина пратеници од помалите парламентарни партии предводени од пратеничката на ДОМ, Лилјана Поповска денеска поднесоа два предлог закони за измена на Изборниот законик. Првиот предлог се однесува на измена на изборниот модел преку воведување на една изборна единица наместо досегашните шест, а вториот за отворени листи. Првиот закон, доколку се изгласа, според предлагачите, би требало да се примени уште на предвремените парламентарни избори договорени да се одржат на 12-ти април догодина. За отворените листи, се предлага, да се промовираат на следните локални избори при изборот на општинските советници.

Предлогот на групата пратеници предводени од Поповска доаѓа по изјавите на Заев дека тој и доколку не се постигне консензус меѓу партиите Собранието односно пратениците имаат право на сопствени иницијативи. При овие изјави Заев повтори дека предизборно ветување на СДСМ е една изборна единица како изборен модел и дека тие не се откажуваат од реализацијата на ова ветување.

На денешната прес конференција Поповска тврди дека за предлозите имаат поддршка од 61 пратеник, како од СДСМ, така и од други партии.

Иако од СДСМ веднаш не ја потврдија поддршката за предлозите, велат остануваат на нивните заложби за промена на изборниот модел.

Од ВМРО ДПМНЕ најавија дека за предлозите ќе се разговара на состаноци на партиските органи и ќе изградат став. Но, опозицијата останува на предлогот за воведување на мнозински модел со 120 изборни единици.

Доколку Заев и пратеничката група го поддржат предлогот на групата пратеници тоа би ги ставило на различни страни и со коалициониот партнер ДУИ. За интегративците нема потреба од промена на моделот за избор на пратениците и сметаат дека апсурдно е да се влегува во таква процедура на само пет месеци пред изборите.