Заев: Претерано е кажувањето за поскапувања од 50 отсто

Премиерот Зоран Заев, на денешната прес-конференција рече дека тврдењето на прехранбениот сектор дека производите ќе поскапат за 50% е претерано.

– Претерано е кажувањето за поскапувања од 50 отсто. Инфлацијата кај нас е контролирана и е до 2,7 проценти. Чувствително е кога инфлацијата ќе надмине 10 проценти. Ние не можеме да бидеме изолирани од светот, затоа што сме отворен пазар, поврзани сме и зависни од европските пазари. Цената на струјата е главен показател за покачување на цените на производите, но таа учествува на просечно ниво не повеќе од три проценти. Берзанските цени на струјата ќе имаат одредено влијание на цените на продуктите, но 2,7 проценти инфлација е контролирачка. За сè што ќе ги надмине очекувањата, Владата е тука – рече Заев, оценувајќи дека сериозно е зајакната ликвидноста и солвентноста на државата, што, како што вели, е доказ дека постепено излегуваме од кризата.

Како што беше речено вчерашната прес-конференција во Стопанската комора, со оглед на светските трендови поскапувања секако ќе има, но колкави ќе бидат, најмногу зависи од државата и од тоа, какви одлуки ќе се донесат. Цените само на сувомесните производи се очекува да се зголемат за 20 – 40 отсто, но зголемување на цената ќе има и кај лебот.

Комората ќе предложи повторно да се активира кампањата за купување домашни производи.

– Целата прехранбена индустрија бара од Владата да и се помогне за да може да функционира, а и потрошувачите да бидат заштитени. Ако суровините минатата година поскапеа до 40 отсто, се очекува поскапувањето на крајните производи да биде од 40 – 50 отсто, а тука секако треба да се додаде и новата цена на енергенсите. Додека домашните малопродажни синџири кај нас сѐ уште молчат и тивко покачуваат цени, супермаркетите во САД и Велика Британија отворено објавуваат дека цените на храната ќе растат наесен. Комотни се и големите синџири на маркети, но на крајот ќе мора да реагираат – рече Васко Ристовски од Комората.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.