Заев: Принципите на еднаквост и недискриминација се во суштината на секое општество и на секоја заедница без исклучок

Денот на човековите права, 10 декември, е ден кога се потсетуваме на Универзалната декларација за човековите права на ООН која започнува со неприкосновената вистина дека „Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права“, напиша премиерот Зоран Заев на неговиот Фејсбук профил.

Принципите на еднаквост и недискриминација, наведува, се во суштината на секое општество и на секоја заедница без исклучок.

– Нивниот просперитет е невозможен без почитување на ова право кое вклучува решавање и изнаоѓање решенија за секоја форма на дискриминација, објави премиерот.

Заев посочува дека Владата спроведува политики и мерки за спречување на сите форми на дискриминација, со посебен фокус на унапредувањето на родовата еднаквост, борбата против родово базираното насилство, целосното имплементирање на Истанбулската конвенција и правата на маргинализираните и ранливите заедници генерално.

– Затоа Северна Македонија на овие теми е издвоена во регионот по постојаниот покажан напредок. Системските решенија значат и отворено партнерство со граѓанското општество кое посветено работи на постојано подобрување на специфичните проблематики. Отворениот дијалог со граѓанските организации и партнерите во општеството, гарантира континуирано унапредување на човековите права, вели премиерот Заев.

Концептот „Едно општество за сите“, освен што е модел што ги добива сите признанија во светот, истакнува Заев, воедно е и концепт за системски поставена превенција за сите форми на дискриминација и привилегиран пристап до услуги и права.

– Тој концепт е постулат на Владата на Република Северна Македонија, кој го обезбедува еднаквиот пристап и третман кон сите граѓани, гарантирајќи системска поставеност кон заштитата на правата на човекот, напиша претседателот на Владата на неговиот ФБ профил.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.