Заев „прочитан“ и од страна на словенските медиуми

Еден од најчитаните словенечки политички магазини „Репортер“ во последниот број го „прочита“ лидерот на СДСМ Зоран Заев. Заев беше во посета на Словенија на покана на Меѓународниот институт за блискoисточни и балкански студии (ИФИМЕС) и одржал предавање на тема „Вистината за Македонија“ во Љубљана.

Во текстот наречен „Левичарот Заев продава „вистина“ и во Словенија“, магазинот „Репортер“ пишува дека Заев достојно го следи изборот на гости кои ИФИМЕС ги носи во Љубљана да држат предавања, како што е Будимир Лончар, стар соработник на ОЗНА и последниот југословенски министер за внатрешни работи и човекот кој се противел на осамостојувањето на земјите од Југославија, пренесе Пресс24.

Репортер пишува дека Заев и СДСМ со насилни протести се обидоа да ја срушат легитимно избраната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

zaev-slovenija-reporter-1

Влијателниот политички магазин за „кариеристот Заев“ пишува и дека како и многумина левичари во политиката влегува поради личен интерес:

„Иако неговиот поглед на економијата е доста конзервативен и повеќе би припаѓал на десното политичко поле, тој влегува во политиката кога ВМРО поради воениот конфликт ги изгуби изборите, па затоа ја одбира СДСМ. Тоа е партија, која слично како и сите други левичарски на Балканот, се потпира  на професорите на факултетите за општествени науки и наследници на поранешната комунистичка елита.“

„Репортер“ се осврнува и на аферата „Телеком“ во која е вмешан и СДСМ на Заев, како и на аферата за примен поткуп за која Заев ќе се најде и на суд. Словенците од „Репортер“ потсетуваат дека токму Заев беше аболициран од неговиот политчки ментор Бранко Црвенковски, кој и самиот беше вмешан во афера поврзана со словенечкиот „Пристоп“.

За крај „Репортер“ потсетува дека институтот ИФИМЕС на чија покана Заев одржа предавање во Љубљана поради своите происламистички ставови е под опсервација на Словенечката контраразузнавачка безбедносна агенција.

ИФИМЕС поголемите балкански медиуми го сметаат за контроверзен институт кој прави анкети на кои како победници ги претставува оние кои ќе си ги нарачаат анкетите.

Ова е истиот институт кој во 2010 година излезе со прогноза дека разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во пресрет на изборите во 2011 е 3%. ИФИМЕС исто така прогнозираше и победа на Иво Јосиповиќ на минатите претседателски избори во Хрватска. И во овие два случаи, како и во повеќето нарачани проценки, ИФИМЕС направи големи грешки.

Реномираниот хрватски дневен весник „Јутарњи лист“ го посочува  ИФИМЕС како “компромитиран институт  чии тенденциозни анализи никој во регионот не сака да ги пренесува. „Слободна Далмација“ за институтот ИФИМЕС ќе напише дека едно од лицата кој го води Аљаф Бактијар, воопшто не спроведува истражување на јавно мислење, туку само објавува резултати според потребите на нарачателот.

Една од најголемите грешки кои ИФИМЕС ги има направено во своите проценки и анкети е во БИХ кога пред неколку години ги промаши резултатите за одредени кандидати дури и за 40%.

Затоа не зачудува одвоениот простор во еден од најчитаните словенечки политички магазини за „очекуваната соработка“ меѓу Заев и ИФИМЕС. После „прославувањето“ на Македонија во Израел и дипломатскиот скандал кој го направи со лажните изјави за средбите со МОСАД, Заев продолжува со својата дипломатска мисија. Сега го прочитаа и Словенците, пишува Пресс24.