Заев сака да побегне од избори, НАТО му е алиби

Прават ли СДСМ и ДУИ терен за одложување на веќе договорениот датум за предвремени парламентарни избори? Откако прво шефот на кабинетот на Али Ахмети, Артан Груби ја најави таквата опција, сега и премиерот Зоран Заев остава можност за одложување на изборите на 12-ти април.

Заев вели дека земјава не смее да си дозволи да биде со распуштен парламентот доколку ратификацијата на протоколот за членство на Македонија треба да се случи откако ќе се распишат изборите.

„Треба да се држиме до одлуките, барем до оние кои како политичките чинители ги донесовме со консензус и 12 април треба да го задржиме. Секако, секој пат одговорноста на државата е пред се и над се. Оставаме можност да се случат било какви промени, пред се заради НАТО ратификацијата, изјави Заев.

Според Заев, треба да се послуша толкувањето на Талат Џафери околу роковите за распишување на изборите. Џафери вели дека изборите мора да бидат распишани 60 дена пред нивното одржување. Собранискиот спикер на брифинг со новинарите во средата беше дециден дека нема намера да го крати рокот за распишување на изборите и дека 11 февруари ќе биде последен работен ден за пратениците. А, откако ќе се распушти Собранието, Џафери вели не постои да свика седница ниту ако треба за ратификација на протоколот за НАТО.

Во ВМРО ДПМНЕ велат дека нема причина за одложување на изборите, туку дека Заев си создава алиби за побегне од соочување со гласот на граѓаните.

„Ова не му е прв пат, но пречки за избори на 12-ти април нема, тоа го кажа и претседателот на лидерската средба на којашто сите учесници на таа средба, партии консензуално се договорија да има избори. Ова едноставно е само обид на Заев и алиби да и избега на правдата, таа е онаа правда заради која што ги урнисаа сите државни институции во државата. Но, токму таа правда нив ќе ги стигне кога тогаш. Колку повеќе одолговлекуваат толку посилен пораз ќе доживеат“, вели пратеничката и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, Дафина Стојановска.

Можноста за одложување на изборите прв ја најави пратеникот на ДУИ, Артан Груби кој изјави дека на лидерската средба било договорено изборите да се одложат поради НАТО. Но, Груби беше демантиран тогаш и од Заев кој изјави дека нема причина за одлагање на изборите. Од ВМРО ДПМНЕ тогаш објаснија дека на лидерската било договорено да се свика вонредна седница бидејќи во 2016 е воспоставена праксата собранието да се состане и по одлуката за негово распуштање.

Инаку, правните експерти посочуваат дека не е задолжително изборите да се распишат 60 дена претходно, туку дека Уставот и Изборниот законик дозволуваат тој рок да биде помал.

„Уставот е јасен. Распишување на изборите е во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Консултирајте се со ДИК околу изборните рокови и ДОСТА МАНИПУЛАЦИИ! Можете да ги распишете и порано од 60 дена, бидејќи никаде не е напишано дека мора точно на 60 дена да се распушти Собранието, туку Уставот вели ВО РОК ОД 60 ДЕНА, значи може и на 55, 50 дена и слично“, пишува професорката Тања Каракамишева Јовановска на Фејсбук.

Оттука нејасно е зошто Заев и ДУИ создаваат атмосфера за неопходност за одложување на денот на изборите.  Одговорот можеби може да се најде во бројките од последните истражувања на јавното мислење кои говорат за раст на рејтингот на опозицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ и пад на довербата во владејачките партии.