Заев сам ќе го менува изборниот модел!?

И без консензус меѓу најголемите политички партии премиерот Зоран Заев преку пратеничката група на СДСМ и неколку помали парти ќе го менува изборниот модел. Ваков заклучок може да се заклучи од денешната изјава на Заев во однос на разговорите за промена на моделот по кој што сега се бираат пратениците во парламентот.

Заев вели се надева на консензус за промена на изборниот модел во една изборна единица, но и да нема согласност од останатите партии социјалдемократите ќе гласаат за ваква измена.

„Ако дојде до гласање во Парламентот јас се надевам, дека тоа ќе биде консензуално, но ако не е консензуално на кој било друг начин социјалдеморкатите ќе гласаат за оваа измена. ДИК е подготвена, институциите се подготвени, постапката е едноставна“, рече Заев.

Тој смета дека има доволно поддршка во Собранието за овие измени.

„Мислам дека имам поддршка, јас не сум иницијатор вака кога кажувам. Најголемата политичка партија од помалубројните етнички заедници е ДУИ, мислам дека има вкупно 23 Албанци во Парламентот, а ДУИ има 10 пратеници, каде се другите помалубројни заедници. Дали се согласуваат ќе видиме на гласањето, да направиме чекор, а ако не успееме, што се надевам дека нема да се случи, ќе се направи притисок за тоа за следните избори“, рече Заев.

Но, ВМРО ДПМНЕ велат нема да бидат изненадени доколку Заев направи ваков потег и сам тргне во промена на изборниот модел.

„Навикнати сме веќе во изминативе три години да гледаме Заев како на еден криминален, противуставен, против законски начин да се обидува и да поминува многу работи како во собранието на Република Македонија, така и надвор од него. Меѓутоа многу пати сме повториле сите криминалии кои што ги прават ќе одговараат сите до еден“, вели Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ.

Јанушев вели ВМРО ДПМНЕ е за разговори за промена на изборниот модел и нивниот предлог останува ист – мнозински модел со 120 изборни единици. Но, сметаат дека промена на моделот на само неколку месеци пред избори би било неодговорно.

„Нашиот предлог е 120 изборни единици, мнозински модел со 120 изборни единици и секако дури и сега да се донесе имплементација после изборите на 12 април, бидејќи е многу неодговорно да се влезе во измена на изборниот модел на неколку месеци пред избори. Тоа ќе отвори проблеми како во самата постапка за спроведување на изборите така за политичките партии или за граѓаните во однос на запознавањето со истиот како тој ќе функционира и сите останати работи кои што доаѓаат со промена на изборниот модел. Значи не ја затвораме вратата за промена на изборниот модел“, вели Јанушев.

Вчера и пратеникот на ДУИ, Артан Груби изнесувајќи го ставот на интегративците во однос на разговорите за промена на изборниот модел нагласи дека е апсурд да се влегува во промена на моделот на пет месеци пред изборите кои се договорени да се одржат на 12-ти април следната година.

Инаку, Заев и СДСМ предлагаат една изборна едница – модел што го преферираат малите политички партии сметајќи дека на тој начин би освоиле повеќе пратенички места во Собранието и би се демократизирал изборниот процес.