Заев се јави зад ликот на Александрова, Канческа-Милеска ги ничкоса

Едноставно како ефтин и провиден нарачен политички памфлет може да се оцени вчерашната прес-конференција на до недоамнешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Александрова која побара оставка од опозицискиот челник Христијан Мицкоски, заборавајќи дека таа како и другите седумина сопартијци кои му дадоа поддршка на Зоран Заев за промената на уставното име на Македонија не се припадници на најголемата партија во земјата.

Поради споменатите активности во полза на Заев, Александрова уште ланскиот октомври беше исклучена од редовите на нејзиниот матичен општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Берово. Сопартијците тогаш ѝ забележаа дека со својата постапка и поддршката за уставните измени ја погазила волјата на граѓаните на Македонија искажана на референдумот од 30-ти септември, како и партиската одлука за почитување на таа народна волја при изјаснувањето во Собранието. Но Александрова вчера од името на одметнатите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, побара оставка од Христијан Мицкоски, поради, како што рече, „лицемерниот однос“ кон членството и пратениците. А „гревот“ на Мицкоски според неа е тоа што бара уште сега Собранието да го ратафикува влезот на Македонија во НАТО.

„Кога се одлучуваше за европската иднина, за гласање на уставните измени, пратениците беа притиснати во ќош. Одеднаш на Мицкоски му стана важен НАТО. Или во стилот на бугарското со Борисов ‘сичко е добре’, сега на ред е грчкото ‘не’, што во превод значи ‘да’. Не поддржуваме вакво лицемерие. Бараме Мицкоски да си даде оставка“, рече Александрова контрадикторно додавајќи дека „не постои простор за помирување и враќање во редовите на ВМРО-ДПМНЕ“.

Но имајќи ја предвид предисторијата на „раздружувањето“ на Александрова, која патем речено е во роднинска врска со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, многу очекуван е „поривот“ на пратеничката за напад врз Мицкоски. И поради тоа воопшто не зачудува што нејзините зборови се речиси целосна преслика на серијата прес-конференции на СДСМ насочени кон намалување на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ.

Несомнено е дека станува збор за подла и перфидна игра на Заев кој повторно ги користи осумте пратеници. За уште еден неспешен обид за спин на власта, која веќе подолг период преку од неа контролираните медиуми најавува формирање на нова партија со „вмровски“ предзнак. Што претствува, исто така, еден веќе виден валкан но бескорисен инструмент на СДСМ во повеќе од дведецнискиот обид да го уништи ВМРО-ДПМНЕ.

Но зачудува фактот што и Александрова и повеќето од другите осум пратеници му остануваат лојални на Заев и во сѐ поочигледниот пораз на изборите следната пролет. Дали само станува збор за продавање на своите услуги – на пример ќерката на пратеничката Емисија Александрова беше вработена во Фондот за иновации, а речиси истовремено Маја Старова, свекрва на исто така одметнатата пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Нола Исмајлоска Старова, беше поставена за в.д. директор на основното училиште „Јан Амос Коменски” во Карпош, сопругата на нивниот „соборец“ Зекир Рамчиловиќ се вработи во МВР а по половина година тој стана и потпретседател на Собранието….? Или, пак, Заев со нешто друго ги задолжил посочените на верност, поизразена дури и од многумина децениски членови на СДСМ?

Дека, сепак, станува збор за сопствено ставање во улога на ткн „корисен идиот“ од страна на Александрова и Исмајлоска-Старова, веројатно и на другите шестмина „независни“ пратеници а не за нивна автентичен потег, најдобро зборува реакцијата на осмиот член од оваа групација, поранешната министерка за култура, Елизабета Канчевска-Милевска.

Таа уште вчера за порталот Вечер рече дека не била запознаена а ниту консултирана за настапот на Александрова да се жигоса Мицкоски кој побара уште сега пратениците да го ратафикува влезот на Македонија во НАТО.

„Не знам за прес-конфренцијата на колешката Емилија Александрова, не сум запознаена ниту консултирана… Секој може да доставува предлози и иницијативи до Собранието, секој може да има различен став и мислење по одредени прашања. Кога ќе ја видам таа иницијатива тогаш и би се произнела. Никогаш не бегам за каков било став кога станува збор за нешто што е од суштински интерес за нашата држава“, изјави Канческа–Милевска.

На прашањето дали и таа се согласува со Александрова која бара оставка на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Канческа – Милевска посочи дека нема зошто да бара оставка од Мицковски „зашто тој на конгрес е легитимно избран претседател“ на ВМРО-ДПМНЕ. Таа, исто така, не смета дека предлогот на Мицкоски за ратификација за членството во НАТО е за осуда, напротив „тоа е само чекор поблиску до остварување на таа цел“.

„Тоа е пред сѐ потврда дека без поддршката од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за уставните измени ова прашање, поточно членството во НАТО не можеше да се реазлизира. Мислам дека тоа прашање треба да се затвори, да се обединиме, за да можеме да продолжиме понатаму. Овој пратенички состав направи многу во однос на реформите во насока на евроатланските интеграциии и лично сметам и ќе се залагам за тоа, дека овој пратенички состав треба да ја изгласа и да ја потврди ратификацијата на протоколот за членство во НАТО со што ќе се заокружи едно многу важно повеќегодишно круцијално прашање кое конечно се реши“, заклучи Канческа-Милевска.