Заев се брани: ВМРО-ДПМНЕ си направи удар сама врз себе со објавените разговори

50

ВМРО-ДПМНЕ си направи удар сама врз себе со објавување на снимените разговори, изјави на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ, Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање за објавените аудио записи од страна на пратеникот Антонио Милошоски за средбата со осумте пратеници од Независната партеничка група на ВМРо-ДПМНЕ и еден од обвинетите во случајот „Рекет“.

– Со ваквото објавување пост фестум на донесениот Законот за ЈО, само потврди зошто беше вредно да се гласа, да се усвои, за да се гарантира правната држава во иднина, покрај тоа што е многу важен за одлуките на Европскиот совет на нашата држава, истакна Заев.

Тој го повика Милошоски да ги објави комплетно сите разговори и потсети дека кога од СДСМ пуштале дел од „бомбите“, на новинарите им ги давале целите разговори за да го знаат контекстот и за да знаат што е целата суштина.

– Самиот не можам да утврдам каде, но знам дека најмалку 30 пати сум разговарал за актуелните случувања што се токму причина за донесувањето на Законот за Јавното обвинителство. Законот за ЈО го зборуваме година и половина. Пред година и половина заедно со Мицкоски излеговме од мојот кабинет каде зборувавме за Законот за ЈО. Во тој период имаше јавна дискусија и комплетен дискурс од Врховниот суд од каде кажуваа, кои се аргументите зошто „бомбите“ не можат да бидат докази за после 30 јуни и тие донесоа таква одлука. Се јавија стручните правници, а и ставовите на СЈО, дека ништо не застарува во државата. Можеби по член 22 од Законот за СЈО по 30.06 не може да се поднесуваат обвиненија и не може да бидат докази, но ако има криминал во државата ништо не застарува, член 17 мислам од Кривичниот законик или од Законот за кривична постапка, тоа јасно го дефинира, појасни Заев.

Тој информира дека во обидот да дојде до 80 пратеници имал состаноци со 30 луѓе, со владејачки и опозициски партии, со експерти, состаноци со, како што рече, секакви луѓе.

– Сум ги зборувал тие вредности како аргументации и причина, зошто должност ни е да го донесеме законот. Врховниот суд излезе со еден став, СЈО со друг став, Основниот суд укажуваше една работа како ќе го применува тоа или не, Апелацискиот суд знаеше да биде спротивен. Сето тоа се реши со Законот за ЈО. Предметите што се во суд се гарантирани, истрагите, индициите се гарантирани, секаде каде има доказ ќе се одговара, каде нема доказ никој нема да одговара. Затоа беше важен тој закон. Дури и вака како што е пуштено, граѓаните гледаат како е тоа прекинувано, во разговорите се гледа што е темата на разговорите, јас и така го препознавам, инаку кога сте држеле преку 20-30 состаноци на таа тема, не можете и да сакате да ви текне каде сте го зборувале тоа, рече Заев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.