Заев: Се преговара за придавката „македонски“- да нема македонска историја, туку историја на Северна Македонија

Премиерот Зоран Заев во своето гостување за Радио 77 призна дека со Бугарија се преговара за придавката македонски и дека бугарската страна инсистира таа да не се користи како во примерот, македонска историја, туку дека секаде треба да пишува историја на Република Северна Македонија.

„Во меѓународна комуникација не може да се каже македонската Влада, туку може да се каже Владата на Северна Македонија. Употребата на македонското, македонската, македонецот, македонските или слично не е спорно, но проблем е и кога зборувате за македонските учебници, зборувате за македонската историја, кога зборувате за Македонски Брод. Значи они инсистираат да стои историјата на Република Северна Македонија и секаде да стои така“, рече Заев.

Заев додаде дека таквата употреба кај нас политички веќе е решена и дека историчарите од бугарската страна треба да ги добијат насоките од нашето Министерство за надворешни работи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.