Заев: Се пријавив за вакцинација, нема да бирам вакцина

Се пријавив во механизмот за онлајн пријавување за вакцинација, воопшто не ми е важно со која вакцина ќе се вакцинирам, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција по повод пристигнувањето на српската донација од 20.000 вакцини „Спутник В“.

– Јас се пријавив во механизмот за онлајн пријавување за вакцинација, министрите го направија истото, а сега апелирам и до граѓаните да се пријават. Вакцината е здрава, сите вакцини се проверени и тестирани, а колку побрзо заврши имунизацијата, толку побрзо ќе заврши и пандемијата. Нема да бирам која вакцина да ја примам, туку ќе ја примам таа што ќе ја имаме, оти сите се сигурни. Затоа, да го почитуваме протоколот на вакцинирање и да ја примиме вакцината за да можеме да ги отвориме границите и слободно да шетаме. Во моментов имаме 78.000 вакцини, а учеството на Србија е повеќе од половина. Очекуваме 25.000 вакцини од ЕУ, како и нарачаните 200.000 кинески вакцини. Верувам дека во мај ќе стигнат другите количини кои се многу поголеми во број. Исто така, решивме од Кина да набавиме дополнителни 500.000 вакцини од фирмата „Синовак“ – рече Заев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.