Македонија

Заев се заканува со тужба против „Република“ затоа што го нарекуваат андарт

Заев се заканува со тужба против „Република“ затоа што го нарекуваат андарт

Премиерот, Зоран Заев, се заканува со тужба до порталот „Република“ доколку не се извини за текстот во кој премиерот, министерката за одбрана, Радмил Шекеринска и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се наречени модерни домашни андарти поради потпишаниот договор со Грција.

Заев, Шекеринска и Димитров се целосно свесни за предавството, буквално опишано во говорот на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој што нагласи дека со ваков договор на Грција и се дава отворена карта врз Македонците во Македонија да се спорведе истиот терор кој што со децении го спроведуваа грчките андарти врз Македонците во Грција, стои во текстот што го објави „Република“ претходно.

Андартите се инаку припадници на грчка герилска паравоена формација, кои кон крајот на XIX и почетокот на XX век учествувале во Борбата за Македонија, со цел делови од Македонија и Тракија да бидат присоединети кон Грција.

На демантот од Владата, потпишан од премиерот, се бара од „Република“ да се извини во рок од два дена и да го повлече текстот. Во спротивно против порталот ќе биде покрената постапка за надомест на штета согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Категорично тврдам дека овој текст е лага и клевета, бидејќи со ниту еден аргумент не ги потврдува наведените тврдења, односно дека така како што се напишани имаат единствено за цел да шират клевети, навреди и невистини за лицата споменати во текстот, бидејќи со ниту еден факт или аргумент не ги потврдува наведените тврдења и доведувањето на споменатите функционери во корелација со споменатите личности или настани од историјата, стои во демантот.

Од „Република“ велат дека со ова Владата врши цензура врз медиумот, затоа што текстот, посочуваат, е објавен како редакциски став.

Бидејќи во текстот е изнесена субјективна оцена на конкретниот настан, а не се изнесени тврдења или информации чијашто вистинитост или невистинитост може да се докаже или побие со факти, ова барање го сфаќаме како уште еден притисок врз новинарството и врз слободата на изразување, но и конкретно врз нас, како растечки медиум, врз кој СДСМ со години врши политички притисок поради разидувањето во ставовите, велат од таму во одговор на демантот.