Заев: Шанси за решение со Бугарија по изборите, а Димитров ја повика Софија да си ја преземе одговорноста

Прашањето за отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија и блокадата од нејзина страна неодминливо беше отворено и на Самитот Западен Балкан организиран од „Економист“. Премиерот Заев истакна дека нашата земја ги исполнила условите за почеток на преговорите со Европската унија, а шансите за постигнување решение со официјална Софија и деблокирање од нејзина страна се можни по изборите во Бугарија.  Имаме теми пред двете страни и постои решение истакна Заев.

„Неодамна видов и позитивни сигнали од Бугарија. Тие го сфаќаат тоа. Кога зборуваме едни со други дури и заедно на прес конференции тие велат македонски јазик и македонски народ, меѓутоа официјално не го признаваат тоа. Ние се надеваме дека и тоа ќе го решиме. Прво прашањето на блокадата, мислам дека 50 отсто од шансите ќе се зголемат“, истакна Зоран Заев.

Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров осврнувајќи се на неодамнешниот самит за Западен Балкан во Брдо кај Крањ рече дека освен јасната порака од Европската Унија дека регионот треба да се интегрира, недостига конкретно решение. Тој истакна и дека Бугарија треба да ја преземе својата обврска

„Враќањето на вербата на луѓето овде во европската иднина и дека таа е можна ќе зависи од тоа дали ќе има конкретна акција. Не е фер, да се обвини Европската унија за ова, бидејќи таа е компромисна организација од 27 земји членки, недостига уште една. Соседна Софија треба да ја преземе својата обврска“, вели Никола Димитров.

Во Бугарија идниот месец треба да се одржат третите по ред парламентарни избори, но и претседателски. Дали ќе продолжат средбите и разговорите меѓу македонските и бугарските претставници ќе зависи и од тоа колку брзо Бугарија ќе ја состави новата Влада.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.