Заев-Шарeц: Преговори со Северна Македонија и признание за постигнатите резултати

31

Словенија и Северна Македонија се добри пријатели и партнери. Во Словенија сакаме што побрзо да ја видоме вашата земја во НАТО и ЕУ и се надеваме дека Северна Македонија во октомври ќе почне преговори за членство во ЕУ. Тоа е наш заеднички проект. Сакаме земјата да добие признание за постигнатите резултати, порача словенечкиот премиер Марјан Шарец, на заедничката прес конференција со премиерот Зоран Заев.

– Темел на сите односи е да се разбереме едни со други. Во Словенија високо ги вреднуваме заложбите на вашата Влада и граѓани и искрено веруваме во вашето членство во НАТО и ЕУ, изјави Шарец.

Посочи дека склучувањето на Преспанскиот договор и договорот со Бугарија, како и многуте системски реформи покажуваат дека оваа Влада е подготвена на своите граѓани да им овозможи евроатлантска иднина.

– Очекувањата на Северна Македонија се големи, но заслужени. Мислам дека преговорите ќе бидат долги, но треба да започнеме. Почетокот на преговорите значи половина завршен пат. Треба да се почне и тој почеток го чекаме сите. Патот секако ќе биде долг и нема да биде лесен, но Словенија ќе помогне како што и досега помагаше, изјави Шарец.

Посочи дека само годинава преку програмата за билатерална поддршка за приближување кон ЕУ биле вклучени 21 словенечки експерти на сите области.

Прашан што ќе биде со Франција, Шарец повтори дека Словенија ја поддржува нашата земја, но дека не знае што може да биде со Франција.

– За Париз верувам и посакувам дека до тогаш ќе можеме да се усогласиме дека Северна Македонија заслужува почеток на преговори. Подетално не можам да кажам, но во политика една недела е долго време и може многу работи да се случат. Верувам дека ќе надвладее ставот дека Северна Македонија е зрела за почеток на преговори. Треба да се знае дека влегувањето нема да се случи за две години и дека тој процес може да трае, но на македонскиот народ и влада им треба тој процес, изјави Шарец.

За тоа дека нема да гледаат фудбал, туку ќе ги посетата полицајците на јужната граница, Шарец, рече дека миграциите се голем проблем во ЕУ и затоа е важно да им се заблагодариме на полицајцијте кои ги штитат нашите граници.

– Битно е да им се заблагодариме на тие полицајци и да им искажеме чест, бидејќи тоа што го прават е многу битно и важно. Затоа решив лично да ги посетам, бидејќи знаете дека зборовите се евтини и само делата се важни. Затоа решив да ги посетам каде што работат и изразам лична благодарност за тоа што го прават, за ние да бидеме безбедни и цела ЕУ, изјави Шарец.

Најави дека од јануари 2020 година во нашата земја ќе почне да работи и словенечката Канцеларија за одбранбен советник, порачувајќи дека имаме иста цел. – Вашата безбедност е и наша безбедност, порача Шарец.

Премиерот Заев потенцираше дека Словенија е наш голем пријател и долгогодишен поддржувач.

– Словенија беше втората земја, што веднаш по Грција го ратификуваше протоколот за членство на Република Северна Македониај во НАТО и земја, која не само што нема никакви резерви за нашиот старт на преговорите со ЕУ, туку и во континуитет и гласно не поддржува за тоа. За нас исклучително важно е ЕУ да ги препознае и вреднува напите напори и храбри политички чекори. Нашата иднина е во ЕУ и на тој пат можеме многу да учиме од искуствата од Словенија, изјави Заев.

Словенија, посочи премиерот, претставува наш голем пријател, подржувач и економски стратешки партнер.

– Република Словенија е петтиот најголем инвеститор во нашат земја со 375,9 милиони евра странски директни инвестиции. Постои голем економски потенцијал за соработка меѓу нашите земји во енергетиката, екологијата, земјоделстото и индустријата. Овие бројки покажуваат дека Словенија несомнено претставува стратешки и економски партнер на нашата земја и словенечките инвеатиции се нераскинлив дел од нашата еконимија. Бројките покажуваат добар тренд на интензивирање на нашата економска соработка, изјави Заев.

Пријателството, посочи Заев, го покажавме и во потешки времиња како мигрантската криза во 2015 година, кога нашите пријатели од Словенија, заедно со пријателоте од Австрија и Вишеградската група ни пружија драгоцена помош.

– Од тогаш до денеска Република Словенија испраќа свои полицајци кои заедно со нашите припадници на МВР ја патролираат и штитат нашата граница. За да ја покажеме нашата почит и благодарност на крајот на посетата заедно ќе отидеме да се сретнеме со нив и да им се заблагодариме за нивната заедничка работа за Северна Македонија, за Словенија, за Европа, изјави Заев.

Во однос на одлуката од Франција, Заев рече дека таа ќе се види точно на Советот на министри, а потоа и на Европскиот совет.

– Нашето очекување е дека конечно после 15 години, согласно сите заслуги што се потврдени од сите земји членки и во европскиот извештај, со завршени реформи и пример за градење добрососедски односи, ќе почнеме преговори. Преку еден инвентивен модел постигнавме договор што вообичаено во светот се постигнува само после војна, а ние го направивме на дипломатски и со европски манири. Навистина не очекуваме еден од поголемите попозитивните примери од Балканот и Европа да биде казнет и очекуваме да биде награден за да ги мотивираме и другите лидери. Истовремено не сакаме повторно да се врати на национализмот и радикализмот, тоа е Балканот од 19 век, а ние сме веќе европски Балкан, и сакаме да продолжи мотивацијата кон нас, изјави Заев.

Наша аспирација, нагласи Заев не е веднаш да бидеме земја членка, туку да добиеме следен чекор и да ги почнеме преговорите, изразувајќи уверување дека земјите кои немаат чист став за почеток на преговори со нашата земја, е само поради внатрешните дебати дома.

Заев и Шарец попладне ќе ја посетат Кота 59 на јужната граница, каде ќе остварат средба со контингентот на офицерите на словенечката полиција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.