Бегството на поранешниот специјалец Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешковски, е уште еден од низата скандали на актуелната власт чии претставници своевремено токму врз овој случај ги градеа своите политички кариери, рече во средата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Случајот со бегството на Спасов, како што рече Мицкоски, и многу јасен и оти уште еднаш покажува дека одредени структури не си ја вршат својата должност.
„…. Некои луѓе правеа кариера на тој случај ние воопшто не сакаме да третираме и да коментираме случаи коишто практично значат ниски страсти коишто злоупотребуваат човечки судбини, но бидејќи еве ми го поставувате ова прашање јас навистина не знам што да одговорам освен да кажам дека некој не си ја врши работата во оваа држава а е скапо платен, ужива привилегии но набргу доаѓа денот кога ќе пресудат и ќе досудат граѓаните кој е тој и ќе го пратат во политичка пензија“, рече Мицкоски.
Потсети дека кога сега владејачката СДСМ беше во опозиција сите процеси ги започнуваше со овој случај и некои нејзини претставници практично ги градеа своите кариери.
„Ова е уште еден во низата скандали бегството на лицето Спасов посебно имајќи го предвид случајот дека практично сите оние протести од страна на СДСМ кога беше опозиција започнаа од овој случај. Некои луѓе градеа кариера (…) знаете за оние ракувања кога сегашниот претседател на Владата, господинот Зоран Заев и прегрнувања во затвор со ова лице еве денеска тоа лице, за жал, не е достапно до органите на прогонот, односно претпоставуваме дека или ја напуштило Македонија или некаде се крие, но важно не е достапно до органите на прогонот“, заклучи Мицкоски.