Македонија

по случајот со злоупутребата на службеното возило, велковски најверојатно на нова должност во МВР Заев: Смената на Велковски не e резултат на битка во СДСМ, тој е „сплотувачки елемент“

Заев: Смената на Велковски не e резултат на битка во СДСМ, тој е „сплотувачки елемент“

Смената на директорот на Бирот за јавна безбедност (БЈБ), Лазе Велковски, не е производ на пресметка во владејачката партија, изјави во понеделникот премиерот Зоран Заев, за кого Велковски е „професионален член на СДСМ“ кој најверојатно ќе остане во редовите на Министерството за внатрешни работи бидејќи било важно неговото искуство.

Владата на својата седница во вторникот ќе го разгледа предлогот за разрешување на директорот на БЈБ, Лазо Велковски, кој беше поднесен од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, откако беше недвосмислено утврдено дека првиот службеното возило го користел за превезување членови од неговото семејство на летување во Грција, за што информираше НетПрес.

За можните наследници на Велковски на должноста прв човек на Јавната безбеност ќе биде разговарано подоцна, рече за новинарите во понеделникот премиерот Зоран Заев по одржувањето на панелот што во Клубот во пратениците по повод 17-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.

„Имиња за негов наследник се’ уште немаме, не сме размислувале, бидејќи не се надевавме дека ќе се случи ваква грешка. Ќе ни треба време да најдеме вистинско решение“, рече Зaев.

Премиерот напомна дека Велковски е еден од неговите „први соработници“, и истакна дека верува оти тој и натаму ќе биде „значаен партнер“ во Министерството за внатрешни работи, бидејќи е „важен поради неговото искуство“.

„Исправен пред заканите што од минатото биле насочени кон него и кон неговото семејство, ја направил грешката“, рече Заев.

Премирот демантираше дека неговата смена е резултат на внатрепартиски пресметки во СДСМ. Го оцени Велковски како „професионален член на СДСМ“ кој отсекогаш важел за „сплотувачки елемент“ во партијата и додаде дека неговото разрешување е чин на понесување одговорност нешто што граѓаните на земјата го очекуваат од носителите на јавни функции.

Во врска со тоа дали разрешувањето на Велковски и неприфаќањето на оставката на вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев претставува примена на двојни аршини, Заев рече дека во случајот со Велковски е констатирана и потврдена грешка.

„Во случајот со грантовите на Фондот за иновации секој според законот во РМ има право да аплицира. Нема грешка согласно законот. Законот еднакво важи за сите. Имаме еклантантни примери каде тоа веќе сме го докажале. Ако кој било се огреши пред законот, треба да одговара. Ако некој направи грешки и од технички аспект, треба да ја понесе одговорноста“, истакна Заев.