Заев со промената на Уставот ќе изврши велепредавство

Зоран Заев врши велепредавство, затоа што смената на Уставот е смена на идентитетот
Смената на Уставот значи промена на идентитетот на македонскиот народ, согласна е експертската јавност по сѐ поизвесната капитулација на Македонија пред грчките барања, за што одговорност има Владата предводена од Зоран Заев и СДСМ, пишува во неделата порталот Курир.мк.

Дека менувањето на Уставот ќе значи обезличување на Македонците смета дури и првиот човек на МАНУ, Таки Фити. Тој неодамна јасно го изрази ставот на академијата да не се прифаќа во преговорите да се отвора прашањето за идентитетот, како ниту име за севкупна употреба, што според грчката страна сега значи дека евентуалното ново договорено име треба да биде и за внатрешна употреба.

„Ерга омнес, односно име за севкупна употреба, никако не смее да се прифати, бидејќи тоа значи менување на Уставот. Тоа носи обезличување на Македонците. Иредентизмот не може да биде оправдување за менување на Уставот. Нашата влада ќе мора да се избори решението да не биде за севкупна употреба, ако сака тоа да биде достоинствено решение. Менување на Уставот и име за севкупна употреба ќе биде опасна ситуација“, рече Таки Фити.

Притоа додаде дека доколку се прифати име за севкупна употреба тогаш ниту МАНУ нема да се вика Македонска академија на науките и уметностите, туку ќе треба да се прекрсти во „Академија на науките и уметностите на Република Горна Македонија“, на пример. Од тоа произлегува дека освен МАНУ, ќе треба да бидат преименувани и други национални институции, како Народната банка на Република Македонија, АРМ, Друштвото на писатели на Македонија, Фудбалската федерација на Македонија… Тоа, според претседателот на МАНУ, е апсурдно!

Порталот во продолжение, повикувајќи се на изјави од експерти посочува дека не е можна промена на името без промена на идентитетот

Имено, професорот на правниот факултет во Скопје Тони Дескоски од поодмана посочува дека дека не е можна промена на името без промена на идентитетот. Според Дескоски, основната идентитетска компонента е името. Тој вели дека него не можете да му го смените името во Горан од Тони и тој да остане со истиот идентитет.

„Да јас и натаму ќе бидам маж ќе имам 46 години, ама ќе бидам некој друг, ќе бидам Горан, а не Тони“, пластично објасни Дескоски во една пригода.

Од тука обидите или жонглирањата со некакво преименување на државата, при што ќе се задржи терминот Македонија ама ќе му се даде некоја додавка се всушност тоа. Обид за преименување, а потоа се отвара целиот идентитетски пакет кој не води до суштината на проблемот дека Грција не може да ја прифати македонската нација како таква, забележува порталот.

„Ќе ве потсетам денеска повторно во истиот документ кој е официјален документ на грчкото МНР и кој ја одразува официјалната позиција на Грција стои дека срцевината на проблемот за името е всушност вештачката и лажна македонска нација создадена од Тито во текот на втората светска војна“, кажа Дескоки.

Замислете, додаде тој во едно од своите неодамнешни гостувања на домашните медиуми, сега ние преговараме од позиција на вештачка и лажна македонска нација создадена од Тито.

Дескоски го коментираше и односот на македонската дипломатија, којашто според него е тромава и инертна во докажување на спротивното и покрај пресудата која Македонија ја има од Меѓународниот суд на правдата.

„Таа пресуда покажува дека Грција ја крши Привремената спогодба. Таа докажа дека Грција ги нарушува добрососедските односи, Македонија е жртвата“, додаде професорот.

Името е поврзано со идентитетот а за идентитетот не се преговара и тие тоа не можат или не сакаат да го видат, вели американскиот аналитичар Џејсон Мико.

„Како што веќе видовме, потребен е само еден глас да блокира потенцијален член – Грција стави вето на членството на Македонија на самитот во Букурешт во 2008 година. САД, како и европските членки на НАТО и Канада, постојано од тогаш говореа, и јас го цитирам Расмусен, генералниот секретар на НАТО „покана за членство во НАТО ќе биде упатена веднаш штом прашањето за името е решено“. Во тоа е проблемот. Меѓутоа, за проблемот е збунувачки фактот дека САД, НАТО, ЕУ, ОН, итн. не разбираат или не сакаат да признаат дека идентитетот и името се исти, тие се поврзани. Не може да се промени едното без да се промени другото, а за идентитетот на Македонија и нејзиното име не смее да се преговара. Според мене, многу е фрустрирачко што многу паметни луѓе, избрани и неизбрани, не може да го препознаат или можеби, одбиваат да го признаат тоа. Тоа е прашањето“, рече америакнскиот аналитичар Џејсон Мико кој е добар познавач на состојбите во регионот за емисијата „Порта“ на сателитскиот канал на МТВ уште пред неколку години.

Професорката Билјана Ванковска имаше директна порака до креаторите од македонска страна на евентуалниот договор со Грција за прашањето за разликата со Македонија.

„Без оглед што ќе потпишат денес или утре, мојата порака е: НЕ ВО МОЕ ИМЕ! Што и да потпишат денес, нема ни уставна, ни историска, ни морална вредност за мнозинството граѓани, за сите наши предци и за сите наши потомци! Ова е политичка лакрдија, кршење рбет, уцена од најдолен вид, потег рамен на велепредавство без никаква полза за иднината на овој народ! Нека ми се мавнат сите ‘утилитаристи’ кои ќе бараат корист од продавањето на сè што ни е свето – утилитаризмот е ново име за филозофијата на продадени души. Сме ги имале во секоја епоха од историјата, ги имаме и денес, ги има и на власт и во опозиција – ама тие немаат право да зборуваат во НАШЕ име! Јас да си кажам пред да почне ‘обработката’ и демонизацијата на сите што нема да ја прифатат капитулацијата во име на НАТО и на ЕУ!“, порача Ванковска преку својот фејсбук профил.

Професорот на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ и член на раководството на партијата Левица, Апасиев уште пред неколку месеци го предупреди премиерот Заев дека може да се соочи зо затворска казна од пет години ако ја доведе Македонија во позиција на потчинетост во однос на Грција.

Пред тогашната средба меѓу премиерите Заев и Ципрас во Давос, Швајцарија, Апасиев цитираше законска основа за кривично гонење на претседателот на владата.

„Во очи на денешната средба Заев-Ципрас во Давос, да се потсетиме на член 308 од Кривичниот законик: Граѓанин на РМ кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на ПОТЧИНЕТОСТ или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор најмалку пет години“ ;)”, напиша.