Заев стравува од растот на евроскептицизмот, тоа го овозможила ЕУ со своите одлуки

Трети сили се обидуваат да вршат и вршат влијание, но прашањето е колку тоа ние ќе го дозволиме, изјави во средата шремиерот Зоран Заев во однос на прашањето дали овој период на неизвесност на евроинтеграциите ќе успее трета сила да го искористи.

„Мене ме плаши порастот на евроскептицизмот, како и одлуките на ЕУ кои тоа го овозможуваат. Чуму ни се извештаите за напредок, ако после 16 години не добиваме никаков напредок. Не ги омаловажуваме извештаите, многу ни се значајни, но вака ја губат смислата“, рече Заев во интервју во емисијата „Топ Тема “на ТВ Телма.

Истакна дека ќе остане резервиран во однос на надежите за напредокот.

„На 6-ти октомври има самит за време на словенечкото претседателство, треба да имаме надеж дека ќе се реши проблемот, но до тоа би дошло само другата страна да не бара изговори“, рече Заев.

Зборувајќи за ткн португалскиот предлог, рече дека Македонија  имала обврска да ѝ понуди „патоказ“на Бугарија, а во него биле опфатени сите области, образование, спорт, здравство, култура со конкретни рокови.

„Таму повторивме дека немаме територијални претензии. За нив не беше проблем Република Македонија, но Република Северна Македонија сега е“, нагласи Заев.

На прашањето за надминување на долготрајното бугарско вето и за остварувањето на евроинтеграциите на земјата и регионот, премиерот посочи дека и покрај искажаното трпение, понуден дијалог и пријателство, по повеќе од 16 години се чувствува резигнираност и кај политичарите во земјата, но и кај европските претставници заради недонесување одлука за почеток на преговори на Македонија со ЕвропскатауУнија.

„Дефинитивно да не може Европа да изнајде решение за ваква работа којашто во моментов е меѓу нас и Бугарија е лоша порака. Проблемот е никаков“, истакна премиерот.

Според Заев, со Бугарија се разговара за Патоказ за спроведување на Договорот со Бугарија за кој Софија, како што уверува, покажува незадоволство во однос на брзината и ефикасноста на негово спроведување.

„Решението коешто Португалското претседателство го понуди за нас и за Бугарија е креирање Патоказ за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство. Во тој Патоказ ги има сите можни области, од спортот, до инфраструктурата, до културата, до младите до сите области, со конкретни рокови и со конкретно задолжени институции и тоа на 18 страни. Вториот дел е интензитетот на Комисијата за историско-образовни прашања, таму не можете да кажете што кога треба да одлучат, туку се работи за интензитетот на средбите“, рече премиерот Заев.

Во интервјуто зборувајќи за посетата на Софија повтори дека не се откажува од својата намера, којашто, како што нагласи, е негова задача како премиер на државата, да го отвори патот на земјата кон ЕУ „да се направи исчекор на овој пат, за да се надмине неправдата“.

„Тоа што таму го адресиравме не можам да кажам дека не е задоволително за нив, задоволително е и за нас, затоа што е за нас. Останува не докрај решено прашањето за македонскиот јазик и за македонскиот народ од страна на Бугарија према нас, но чисто е од страна на ЕУ и сите земји и тоа е многу важно. Она што го очекувам во следниот период е секако прво резервираност затоа што двапати некој без сериозни причини донел одлука да стави вето и блокада на својот прв сосед што 16,5 години чека да направи следен чекор. Не можам да кажам дека треба да ги дигнеме сега очекувањата и еве дека сега дека ќе има избори во Бугарија и дека ќе се формира влада“, рече Заев.

Во однос на јазикот и идентитетот, премиерот рече дека работата е чиста и оти ние имаме решение и ако се европејци и ако гледаат во иднината можат да го решат.

„Кога седиме тие викаат реалноста ние ја прифаќаме, Македонци со македонски јазик, признаени во светот, ратификувани во ОН. Обично викаат да ги видиме корењата. Корењата се работа на историчарите, ние затоа имаме историска комисија“, рече Заев.

Зборувајќи за посетата на Софија тој рече дека целта било да се испрати порака на пријателство и да се намали говорот на омраза.

„Кога дојдовме и кај премиерот и кај претседателот ги објавивме сите детали од патоказот со сите овие адресирања што како ноти ги адресираме внатре за да побараме од нив поддршка. Ни беше кажано, ако ова се адресира, а впрочем е на линија на бугарската декларација, затоа што португалското претседателство и она што го адресира роудмапот, ги даваат одговорите на декларацијата во бугарскиот Прламент, така што самото португалско претседателство ги решава со унилатерални изјави каде што Бугарија вика дека за Бугарија македонскиот јазик е согласно Уставот, но за ЕУ е ‘преводот на акито ќе биде на македонски јазик’“, рече Заев.

Причината, како што кажа, во овие околности ја гледа во немањето парламент и политичка влада во Софија.

„Тука е причината за ова, што ни дава надеж за денеска да имаме еден поинаков став, но не до крај. Ниедна земја не чекала како Северна Македонија што чека“, повтори премиерот Заев потенцирајќи дека Македонија 16,5 години чека на почеток на преговори со Унијата.

Заев истакна дека „му е криво“ за целата оваа ситуација, но негова задача како претседател на Владата е да го отвора патот.

„Пораката којашто ја испративме од таму (Софија) е да направиме исчекор. Знаевме, беше соопштено, и беа мали веројатностите дека ќе добиеме, но секако еве и денеска после одлуката не боли, затоа што е неправда, а неправдата на кој и да се случува боли. Но, прва цел беше да бидеме таму присутни, да испратиме порака дека сме две пријателски земји. Ние не сме непријатели и немаме отворени прашања, ние имаме политички околности кои мораме ние да ги надминеме“, рече Заев.

Втората порака, како што рече, била до младите луѓе дека тие треба да негуваат пријателство.

Заев ече дека било логично да не се очекува бугарската влада или бугарскиот претседател да донесат одлука спротивно на парламентот.

„Затоа тоа беше обезбедено. Но, на крајот се кажува дека нема политичка влада и нема парламент што значи не оти им требаат за ваквата одлука, тие имаат целосно суверено право и уставно право да донесат одлука, но веројатно заради неподготвеност да се преземе политичка одлука во вакви околности на техничка влада и без парламен“т, рече Заев.

Факт е, потсети меѓу другото тој, дека во Договорот има задолженија за двете страни да работат на градење на меѓусебното пријателство