Заев: Судот и ОЈО никако не треба да го сметаат пријавувањето на Мијалков за олеснителна околност

Компромис за правда нема и нема да има. Ако си грешел, ќе одговараш, изјави вечерва премиерот Зоран Заев, отакако по 40 часа трагање во обвинителството се појави Сашо Мијалков, поранешниот шеф на УБК да го подигне решението за куќен притвор.

Правдата е задоволена и ќе ја има се почесто. И ќе следува ваквов одговор секогаш кога некој ќе сака да си игра со правдата. Во изминатите 40 часа, институциите предводени од мене, во координација со правосудните органи презедовме акција. Со акцијата координирав јас и Сашо Мијалков немаше друга опција освен да се пријави. За овој значаен успех придонес дадоа соодветните министерства, надлежните агенции, Судот и ОЈО. Им благодарам на сите институции. Секако ОЈО и Судот неговото пријавување никако не треба да се смета за олеснителна околност. Не треба да се заборави дека Мијалков првично избега, односно не беше достапен за полицијата. Барам да се истражат пропустите и одговорност ќе има. Јас, Зоран Заев ве гледам во очи и ви укажувам: компромис за правда нема и нема да има. Ако си грешел, ќе одговараш, изјави вечерва Заев.