Заев: Tранспарентноста е дигната, така што никој не може да каже дека власта има влијание во медиуми

Владата е подготвена за промена на членот 102 од постоечкиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, бидејќи на таков начин од една страна ќе им се помогне на медиумите да бидат финансиски одржливи, но од друга страна ќе се зголеми информираноста на граѓаните, нивниот проактивен однос, рече денеска премиерот Зоран Заев потенцирајќи дека целта на можноста на медиумите да се финансираат и од државни и локални ресурси не е да се влијание врз нивната уредувачка политика.

-Владата е подготвена да го промени членот 102 и да даде можност на пример да се пренесуваат во живо седниците на советите, редовните активности на градоначалникот, јавните комунални претпријатија, училиштата, градинките, противпожарните станици, локалните институции, сето тоа е многу важно. Тоа ја подига транспарентноста, овозможува дополнителна информираност на граѓаните и нивен проактивен однос. Сето тоа носи безброј бенефити за сите. Овие денови ќе ги искористиме празниците да разговараме со сите. Државата нема намера да оствари некакакво влијание врз уредувачката политика. Мислам дека во оваа слобода денеска е јасно дека е толку се транспарентно, оти се се знае. Конечна цел ќе биде да ја јакнеме јавната свест, да имаме максимална транспарентност и инклузивност на граѓаните, а тоа можеме само преку медиумите да го направиме, рече Заев денеска по увидот во тековните и реализирани проекти во Осогово – Пониква, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека на ваков начин ќе се овозможи државата да може да спроведе одговорни политики, како што се случаите на вонредни состојби, кризни состојби, важни насоки, едукации на граѓаните…

-Како ќе ја запознаеме нашата јавност за важноста на вакцинацијата, на сите детали поврзани со вакцинацијата, каде треба да се јават кои категории на граѓани, кој е редоследот тоа е невозможно без кампања. Ние сме многу благодарни на медиумите што бесплатно ни пуштаат по двапати во денот спотови. Тоа треба 20 пати. Треба многу да ги информираме граѓаните, истакна премиерот.

Подготвени сме, додава Заев, да прифатиме надзорен одбор од медиумите, од сите, да нема никаква политичка одлука во распределба на средствата.

-Целосно сме подготвени да ги дефинираат тие кампањи од јавен интерес. Апсолутно прифаќаме одговорност да нема никакво политиканство или какво било наметнување на политики од кој било карактер коишто би биле партиско-политички, владино-политички, локално-политички или кој било карактер. Се работи апсолутно за нешто што целиот свет и Европа го прави. Дискусијата е пред нас, рече Заев.

Тој најави дека утре министерот за информатичко општество и администрација ќе одржи состанок со здруженијата на локални и регионални медиуми и ќе разговара за овие прашања.

-Веќе следната недела, иако е новогодишна недела, ќе реализираме состаноци со сите здруженија и ЗНМ и локални, регионални и Советот на етика и сите важни фактори во оваа работа. Јас искористив приликата да се видам и телефонски да поразговарам со некои од тие претседатели. Генерално мислам дека постои еден позитивна атмосфера, посебно низ разговор ако ги отстраниме грижите за сите има можност да се прифатат идеите коишто ги дава еве ЗНМ на пример и да се финансираат и проекти од јавен интерес, мислам на продукциите на самите локални, регионални медиуми итн., но и можност вистината и транспарентноста да јакнат и јавната свест кај граѓаните, истакна премиерот Заев

Прашан зошто Здружението на новинарите на Македонија има забелешки на оваа идеја, премиерот вели дека кај нив постои стравот да не се јави повторно спрега на власта со медиумите и преку тоа да изгубиме вредности кои што се добиени.

-Ние како власт велиме тоа е завршена работа заради тоа што толку е дигната транспарентноста, никој не може да каже дека некаде има влијание од власта на регионалните, на локалните, на националните или сателитските медиуми, радијата, пишаните медиуми. Тоа е апсолутно повеќе од јасно. Имаме еден убав критички однос и кон општините, и кон Владата, и кон Парламентот и претседателот на државата и само така ќе бидеме впрочем и подобри, потенцира Заев.

Тој додава дека ако бидат отстранети тие стравувања е уверен оти ЗНМ ќе даде поддршка на своите членови а тоа се новинарите и медиумските работници затоа што дефинитивно и нивните плати, и нивниот општествено-економски и социјален статус зависи од самиот медиум. Медиумот, нагласува премиерот, треба да биде одржлив, „оти ако не е одржлив тогаш се бараат други многу често и неприкладни начини на обезбедување на таа стабилност, а тоа обично ништи дигнитет, достоинство на новинарот, на медиумскиот работник, а никој тоа во државава не го сака“.