Заев: Три позиции се веќе отстранети во преговарачкиот процес, по договорот ќе се оди на референдум

Три од седум позиции во преговарачкиот процес за името со Грција се веќе отстранети, изјави во средата премеирот Зоран Заев, ден по седумчасовната средба меѓу шефовите на македонската и на грчката дипломатија со посредство на медијаторот Метју Нимиц во Виена, при што истакна дека за Владата е прифатливо името со географска одредница, како и дека по евентуалното решение да биде потврдено на референдум.

Како што толкуваше премиерот Заев при неговата посета на Неготино, ова практично значи дека речиси половина од точките по кои се преговара се затворени.

„Вчера почна преговарачкиот процес, а досега двете страни ги презентираа позициите. Имаше образложување на суштината на позициите на двете страни со обид за меѓусебно разбирање. Важно е да се гради доверба во функција на решавање на проблемот. Драго ми е што се разглобени сите прашања, ако тргнеме од седум позиции кои беа појдовни точки тоа е веќе намалено на четри позиции. Три се отклонети. Со политиката на новата Влада многу брзо ќе можат да се отклонат и другите позиции. Уште еднаш да потенцирам, Република Македонија сака решение, се обидуваме да градиме внатрешен консензус и оптимисти сме во изнаоѓање на решение“, изјави Заев.

Премиерот останува на ставот дека нема потреба од интервенции во Уставот и дека добро се знае до каде може да се направат отстапки. Според Заев, доколку се најде решение граѓаните ќе го имаат последниот збор, преку референдум.

Достоинството и идентитетот се многу важни во преговорите со Грција, истакна меѓу другото премиерот Зоран Заев, одговорајќи на новинарски прашања при денешната  посетата на Неготино. Рече дека нема да изнесува детали, за, како што истакна, за да не се добие впечаток дека се преговара преку медиумите.

„Медијаторот Нимиц го води процесот, тој ги знае во суштина работите кои можат да поминат, кои не можат да поминат кај едната и кај другата страна. Важно е да се гради довербата помеѓу двете страни во функција на решавање на проблемот. Мене ми е драго што се разглобени во суштина сите отворени прашања. Ако тргнеме од некои седум позиции кои беа појдовните точки на разговорите, знам дека веќе е намалено на четири позиции, три се отстранети. Јас верувам дека со политиката на новата Влада многу брзо ќе можат да се отклонат и другите позиции“, изјави Заев.

Потенцира дека Република Македонија сака решение, а Владата, како што наведе, прави буквално се, се обидува да гради внатрешен консензус во државата, во функција на изнаоѓање конечно решение.

„Навистина сме оптимисти за изнаоѓање решение. Секако се испорачуваат одредени пораки од нашиот партнер од грчката страна, за одредени линии и слично, јас верувам дека треба да изнајдеме решение за добробит на граѓаните на двете земји. Ако бидеме навистина оптимисти во овој процес, ако сакаме навистина искрено да се изнајде решение, тоа е можно, процесот има временски период пред себе. Се надевам дека секој следен чекор ќе не приближува во делот на сите оние ставки кои се отворени, а буквално треба да бидат мост на сплотување и конечно изнаоѓање решение на проблемот со името кој Република Грција го има со нашето уставно име“, рече Заев, повикувајќи да му се даде шанса на преговарачкиот процес.

Граѓаните, додаде Заев, знаат кои се македонските ставови во поглед на ова и на другите прашања, но мора да се биде внимателен и да се даде шанса на процесот за постигнување решение. Во однос на географската одредница, потврди дека е прифатлива опција за македонската страна и потсети дека се споменуват неколку имиња.

„Тоа значи за нас е прифатливо име со географска одредница, односно ги отклонуваме сите други кои беа временска одредница, или некои други укажувања кои беа како предлози“, информираше премиерот.

Соопшти дека е охрабрувачки што некои работи се придвижени.

„Веројатно тие беа најлесните, но добро, тоа е сигнал за нас и охрабрување за грчката страна дека е можно да се изнајде решение. Секако, суштинските позиции се многу значајни, името, уставот дали ќе се менува или не, јазикот и други работи кои таму се спомнуваа. Тоа е суштината на самиот преговарачки процес и можноста за изнаоѓање на решение“, рече Заев и додаде дека очекува двете страни да бидат прагматични, а евентуалното решение да биде потврдено на референдум.

Нацрт-договорот, рече, е еден од алатките, се прават одредени скицирања за можни решенија, влијанија врз двете страни, како тоа би било прифатено од граѓаните на двете страни, од институциите и слично.

„Едно од тие скицирања е и нацрт верзија за меѓународен договор, спогодба меѓу двете страни, што секако на крајот се надеваме дека треба да биде ратификувана во парламентите. Но не да заборавиме, дека што и да се разговара, на билатерално или на министерско и премиерско ниво, се враќа кај Нимиц, затоа што процесот е предводен од ОН преку медијаторот и на крајот мора да ги има правно-формалните импликации во ОН“, изјави Заев од Неготино.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.