Заев тврди дека покрај во Обвинителството, прислушување имало и во Кривичниот суд

Покрај прислушкувањето на сите фиксни броеви од телефонскaта централа во Јавото обвинителство, таков ист систем бил поставен и во новата зграда на Основен суд Скопје 1 Скопје, изјави во петокот вечерта премиерот Зоран Заев и изрази надеж дека истрагата ќе ги даде одговорите кој и зошто ги набавил, кој го користел, како и оти ќе има одговорност за тоа.

Снимањето на разговорите од телефоните поставени во новата зградата на обвинителството се одвивало најмалку две години, откри државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. Првиот снимен разговор на двата хард диска пронајдени во склоп на телефонската централа е од 30-ти септември 2016 година и за случајот е отворена предистражна постапка.

„Информиран во моментот кога министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е информиран за истрага, која е отпочната пролетта. Тоа точно ќе го каже јавниот обвинител кој ја водел истрагата. Се работи за систем поставен во централата за внатрешната комуникација во Јавното обвинителство. Знам дека истоветен систем е поставен и во новата зграда на Основен суд Скопје 1 и веројатно ќе кажат и каде се на друго место. Уште во далечната 2016 година, некаде тоа е користено, некаде не, истрагата ќе покаже кој тоа го користел, кој како го злоупотребил. Јас верувам дека веќе ги имаат сите наоди, рече Заев. одговарајќи на новинарско прашање за последните објави на Јавното обвинителство дека кај нив се пронадени хард дискови со прислушкувани разговори“, рече Заев.

Според премиерот, тоа претставува само уште еден доказ колку била упропастена Република Македонија.

„Ова се сериозни работи и нема играчки со вакви работи. Се работи за приватноста на луѓето, во конкретниов случај се следела комуникацијата внатре во самата институција, како комуницирале обвинители, истражители и сите што работат. Сето ова претставува само уште една потврда колку е руинирана Македонија, колку е важно правниот систем да го вратиме во државата, колку е важна борбата против корупцијата и борбата против целокупниот криминалитет во Република Македонија. Јас ги охрабрувам институциите да продолжат со вака одважни храбри изјави, храбри истраги се’ додека не станеме нормална земја“, рече Заев.

Според него, без владеење на правото, без понесување на одговорност не можеме да очекуваме никаква перспектива.

„Остануваме сериозни борци за правната држава во борбата против криминалот и сето она што се случува во РМ од периодот на режимот која се одолговлекува постојано досега. Никој не може да каже до каде стигнало „големото уво” во аспирациите да се следи се и сешто во Македонија. Јас се надевам дека истражните органи ќе ги дадат сите одговори затоа што се должни тоа да го направат“, посочи Заев.

Појасни дека кога новите опреми на институциите се монтирале за внатрешната комуникација која што постои се монтирале и вакви хард дискови за снимање. Некаде тие биле ставени во употреба, а некаде не.

„Јас тоа го знам уште од самиот период на промена на раководители на институции кои тоа го воочиле и веднаш го пријавиле. Истрагата е отворена од тогаш, еве веќе е обзнанета таа истрага, сите детали ќе може да ги дадат истражните органи“, рече Заев.

Потенцираше дека се знае кој биле раководители тогаш кога е направена набавката во Јавното обвинителство и во Основен суд Скопје 1 Скопје, и, истакна дека тие ќе понесат одговорност.

„Бегање од тоа нема заради тоа што ако покаже истрагата дека тоа е со нивно знаење, а тие се тие коишто ги набавиле, потпишале, исплатиле ваквите централи секој ќе си понесе одговорност. ВМРО-ДПМНЕ кое што дава изјава беше главниот поддржувач на ваквите начини на работење и владење во државата, а Мицкоски беше десната рака на Никола Груевски. Веројатно тоа е пренесено како некоја оставнина и наследство, но секако истрагата ќе ги покаже сите детали“, рече Заев.

Додаде дека важно да се понесе одговорност, да се казни секој оној што се дрзнал и да помисли, а не пак да вгради вакви системи наследени со што се нарушува приватната комуникација на граѓаните, без разлика дали е приватна или службена комуникација.

Претходно во петокот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека макеоднската јавност е сведок на повторно скандалозно однесување на луѓе или структури блиски до СДСМ, одгаварајќи на новинарско прашање да го коментира скандалот со двегодишното прислушување во Јавното обвинителство, што претходно во петокот го обелодени јавниот обвинетел Љубомир Јовески.

„Станува збора за едно скандалозно однесување на МВР, некаде таму на почетокот на септември месеци во 2016 година. Ќе повторам тогаш технички министер е господинот Оливер Спасовски па се до ден денешен. Исто така ја прочитав онаа помалку смешна изјава од страна на владиниот портпарол каде што повторно некој друг му е виновен, а не ја бара вината во сопствените редови. Однесувањето на СДСМ изминатите година и половина ни е јасно, кога немаат факти и аргументи кога не знаат како да ги решаваат проблемите тогаш секогаш се навраќаат назад во минатото и бараат виновник во некој кој претходно бил“, потсети опозицискиот лидер.

Но, за жал, истакна Мицкоски, виновникот треба да го бараат во сопствените редови, бидејќи како што беше објавено првите разговори се снимени на почетокот од септември а снимањето траело до денс.

„Министер за внатрешни работи во министерството за внатрешни работи е господинот Оливер Спасовски. Најмалку што може да направи по серијата на катастрофални грешки во овие година и половина во серијата неразјаснети криминални активности во република Македонија е господинот Оливер Спасовски да си поднесе веднаш неотповиклива оставка“, изјави Мицкоски.