Заев тврди: Не сум кажал дека Јанева ќе оди во домашен притвор

Премиерот Зоран Заев во петокот ги демантираше обвинувањата од претходниот ден од пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ дека на лидерската средба кажал оти специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за десет дена ќе биде пуштена во домашен притвор.

Остро ги деманитрам ваквите лаги, бидејќи на лидерската средба кога се отвораше дебатата зошто воопшто се преговара кога предметите поминуваат во Јавното обвинителство, мојот коментар беше оти од Ирена Фрчковска сум информиран дека е логично Јанева да бара да ги достави предметите заради одговорност, но веројатно и жената да си бара олеснителни мерки во истрагата, заради невлијание на сведоците, невлијание на предметите. И тоа е коментарот за да продолжиме да преговараме. Вака некој со лаги тоа да го злоупотреби е нечесно кон јавноста и нека му е на чест на Милошоски, изјави Заев пред денешниот настан во хотелот „Хилтон“.

Претходно во четвртокот претеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски кој присуствуваше на повеќе од седум часовната средба меѓу лидерите на двете најголеми партии, рече дека во текот на разговорите премиерот Заев рекол дека сега притворената специјална јавна обвиниетелка Катица Јанева ќе излезе од притворот за десетина дена.

„Заев најави дека за десетина дена Јанева од Шутка ќе се префрли во куќен притвор. Како може премиерот да ги знае одлуките на Судот пред да бидат донесени”, праша Милошоски изнесувајќи го својот впечаток од лидерска средба.

Опозицискиот пратеник притоа посочи дека власта првично се согласила опозицијата да го предложи шефот на новото обвинителство за организиран криминал но кога било побарано ова обвинителство да го преземе случајот Рекет преговорите пропаднале.

„Јасна е спрегата меѓу владата, обвинителството, судовите и Катица Јанева. Власта ќе направи се случајот Рекет да не дојде во рацете на независен обвинител”, потенцираше Милошоски

Во однос на разговорите за законот за јавното обвинителство, Заев рече дека преговорите продолжуваат со цел да се најде решение кое ќе биде поддржано со двотретинско мнозинство или со консензус.

Решение, рече Заев, мора да се најде, иако предметите се обезбедени и одат под надлежност на јавниот обвинител.

Денеска почнуваме со писмена иницијатива на тоа што го разговаравме. Продолжуваме да разговараме и со ВМРО-ДПМНЕ и со другите партии во Парламентот за да изнајдеме решение. Не се откажуваме. Мислиме дека можеме да најдеме решение. Принципилено сме поставени. Апсолутно мислиме дека поставуваме авангардни чекори отворајќи како понуда обвинителство за гонење на висока корупција кадешто обвинителот ќе биде на предлог на опозицијата, а Парламентот ќе го бира, истакна Заев, додавајќи дека писмените предлози ќе ги каже министерката за правда Рената Дескоска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.