Заев убеден дека не сме многу далеку од договор со Бугарија

Не сме многу далеку од договор со Бугарија, изјави денеска премиерот Зоран Заев, на маргините на Македонскиот енергетски форум, одговарајќи на новинарско прашање дали има волја за средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов и шанса за решение до 8 декември кога треба да се одржи состанок на Совет на министерите на ЕУ.

„Со задоволство со пријателите“, рече Заев додавајќи дека Бугарија е голем пријател на С Македонија, а нашата земја прави се што е неопходно за да се постигне решение на вакви отворени прашања.

„Ние само треба да имаме добра волја и да гледаме позитивно и да ја имаме проектирано иднината пред нас. Верувам дека до вториот Совет на министрите на 8,9, 10 декември, кога и да биде, ќе има и средба меѓу мене и Борисов, а верувам дека и нашите работни групи кои контактираат интензивно ќе создадат услови за тоа – се развиваат идеи, се разглобуваат секакви варијанти во духот на дигнитетот и достоинството на двата народа да се изнајде европско решение со вградени европски вредности во него“, рече Заев.

Тој смета дека ова дополнително време кое излезе до одржувањето на вториот состанок на ГАК, им дава можност на двете страни да бидат паметни и да ја искористат.

На прашањето, на какви отстапки е согласна нашата земја за да се дојде до решение, Заев рече дека не станува збор за отстапки, туку за решение од двете страни, дека има начини како да се дојде до тоа и пред се дека му е драго што Бугарија го признава, како што рече, македонскиот јазик и македонскиот идентитет како наша реалност и со тоа ќе се изнајде решение во кое секоја од страните ќе внимава на интересите на другата страна.

„Се надевам дека ќе докажеме дека сме големи пријатели“, рече Заев.

Можноста за дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Република Северна Македонија, денеска ја спомена на бугарскиот премиер Борисов, во својот Фејсбук статус, за тоа што зборувал на видеоконференциска средба со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и Швајцарската конфедерација.

„Но тоа треба да го сакаат и да биде направено од обете страни“, напиша Борисов.