Заев вели дека ја држат стабилна цената на струјата, а трендот е дека ќе биде повисока

Државата ја држи стабилна цената на струјата на домаќинствата, затоа што нашиот модел е либерализација со постепено отворање кон граѓаните. Во моментот, државата има обврска да обезбедува околу 60-70 проценти од струјата, а останатите до 100 проценти ги субвенционира, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со министерот Насер Нуредини.

Трендот на берзанско покачување на струјата, посочи Заев, беше видлив уште во првото полугодие и Владата презема соодветни активности, како што е намалувањето на ДДВ на електричната енергија од 18 на 5 проценти и на тој начин успеваме да ги амортизираме дел од трошоците, кои граѓаните би ги сносиле ако државата не интервенира.

– Вториот дел е директната интервенција што државата ја прави со енергетскиот производител ЕСМ за да можеме да држиме стабилна цена на струјата на домаќинствата, иако таа е неколкупати зголемена, еве 4-5 пати, зависи од кога земате мерења. На два начини правиме субвенционирање. Едното е директно ги помагаме ЕСМ за да може производната разлика со таа за граѓаните да ја платиме од Буџетот, со средства од граѓаните, а тоа да не го плаќаат граѓаните. Вториот дел е субвенционирање на цената што се набавува на отворен пазар, за до 100 проценти се покријат домаќинствата и така ќе продолжиме – изјави Заев.

Северна Македонија согласно Енергетската економска заедница, посочи Заев, е отворен пазар и во моментот компаниите и јавните институции на отворен пазар набавуваат струја.

– Нормално, овде правиме дополнително алоцирање на буџетски средства за болниците, школите и градините, кои набавуваат многу поскапа струја од порано или од периодот кога биле планирани овие буџетски средства – изјави Заев.

Нормално 2022 година, посочи Заев ќе ги очекуваме тековите кои ќе се случуваат, но јасно е дека со политиките на климатските промени и инвестициите во обновливи извори на енергија се обидуваме и ние како држава да обезбедиме поголеми количини на зелена енергија по конкурентни цени, како би можеле и на подолг рок да ја ублажиме ваквата тенденција.

– Јасно е, во светот трендот покажува дека цената на струјата и во иднина ќе биде многу висока, затоа што се повеќе се затвораат централите на јаглен, а се повеќе и повеќе расте побарувачката на електрична енергија. Природниот гас порасна во вредност, а секако и останатите енергенси за производство на струја. Оттука, како Влада сериозно сме посветени на максимално помагање од економско-социјален аспект на нашите домаќинства – изјави Заев.

Имаме план, посочи Заев, до 2030 година да бидат затворени сите термоцентрали на јаглен во државата и затоа, нагласи, фокусот е на зелена енергија од ветерни, хидро и фотоволтаични централи.