Заев: Верувам дека законите ќе се донесат, Собранието навреме ќе се распушти и изборите ќе се одржат на 12 април

67

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска во Неготино изрази уверување дека законите ќе се донесат, дека Собранието навреме ќе се распушти, а предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 12 април.

– Парламентот не смееме да дозволи со какви било игри, со какви било планови да се наруши процесот на дискусија – деловничкото право на пратениците и на крајот правото да се изгласаат законите. Може ќе има две третини, може и ќе нема две третини, но ред е, и фер е, и чесно е пред државата да дадеме шанса да се изгласаат овие важни закони, рече Заев.

Посочи дека е среќен што денеска продолжи работата на Парламентот и изрази благодарност, како што рече, на флексибилноста и на претседателот на Парламентот и на сите пратеници да работат денеска.

-Верувам согласно своите деловнички права коишто ги имаат ќе дадат шанса сите овие законски решенија да бидат завршени со својата дискусија, да бидат завршени со својата дискусија, да бидат гласани и после тоа да се распушти Парламентот, истакна тој.

Одговарајќи на новинарско прашање, Заев рече дека коалицијата со ДУИ функционира.

-Секако вчера од генералниот секретар на партијата со неговиот настап испративме сериозна порака за одговорност пред државата. Наша единствена цел е пред распуштањето на Парламентот да се даде шанса да се гласаат законите – не само двотретинските закони, Изборниот законик, разрешувањето на министерката за труд и социјална политика и неколку законски решенија, буквално трошењето на неопходното време кое што е изброено до полноќ на 16 февруари кога се последните рокови за распуштање на Парламентот, истакна лидерот на СДСМ.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали има преговори со други партии за нова коалиција, Заев вели дека засега имаат преговори со нивните стандардни коалициски партнери и со некои од партиите коишто не биле досега со нив во коалиција.

-Разговараме. Верувам дека ќе имаме конечни резултати од овие разговори покрај анализите што ги правиме, а и разговорите со нив коишто се многу важни да имаме и програмски заеднички определби некаде на крајот на февруари месец, рече Заев.

Тој потенцирам дека СДСМ има сериозен голем и уникатен коалициски капацитет заради едно општество за сите. – Заради храбри одлуки коишто ги донесовме во минатото и нема да оставиме тоа да не го искористиме нормално се во функција на сериозна победа, сериозен чист мандат којшто ќе обезбеди стабилна пратеничка група со мнозинство гласови во новата влада во следниот четиригодишен мандат заради тоа што претстои сериозен процес на вистинска трансформација на целокупното наше општество и работа дома на економијата, додаде Заев.

На прашање дали се гледа како премиер на новата влада, лидерот на СДСМ, одговара дека не размислувал.

– Апсолутно ниту сум размислувал дали се гледам. Сериозноста на пораката од генералниот секретар Љупчо Николовски беше, како што јас ја сфатив, ја сфативме и сите, да престанат игрите коишто се играат во Парламентот, за државата наша се работи. Се работи за аргументација која што треба да ја дадеме на Холандија, на Франција и на сите други земји членки на ЕУ, се работи за уникатна можност која може со две третини да направиме обид да се донесат вака значајни закони. Едниот е консеквенцен на нашето членство во НАТО – законот за одбраната, а законот за јавното обвинителство на крајот е правна држава. Реков преку овој закон ќе утврдиме дали ќе победи правната држава или ќе победат сите оние коишто се осомничени за незаконски дејствија. На крајот одговорноста е на сите пратеници. Јас очекувам навистина сериозна одговорност пред државата и нашиот народ да се донесат ваквите закони, истана Заев.

Ниту сакаме, ниту планираме, рече Заев, формирање на мнозинство кое што, како што додаде, секако е извесено.

-Знаете и вие новинарите дека е возможно да го направиме заради тоа што со обезбедување на преку 80 пратеници, а не па за мнозинство од 61 пратеник. Тоа е возможно. Не сакам ова никој да го сфати како закана. Но, испраќам јас како порака, како потврда на нашиот генерален секретар дека тоа што е државата е државата пред се и над се за сите нас. После тоа се нашите партии, политички калкулации или слично. Ние сакаме да имаме избори на 12 април, сакаме навреме да се распушти Парламентот, но истовремено сакаме Парламентот да си ја заврши работата онака како што е планирано – законските решенија да се гласаат во Парламентот, нагласи Заев.

Тој повтори дека  кога одлучиле да го пуштат законот преку Влада до Парламентот имале дадено збор од најмалку 80 пратеници.

-Секако дебатата продолжи и после тоа се држеа комисиите, се разгледуваа, се разговара со сите пратеници и верувам дека на крајот ќе се обезбедат  неопходните најмалку 80 пратеници за да може вакви важни законски решенија да бидат усвоени од нашиот Парламент, рече лидерот на СДСМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.