Заев: Верувам истрагата ќе покаже каде е Игор Спасов

Премиерот Зоран Заев очекува истрагата да покаже каде е Игор Спасов, кој е осуден за убиството на Мартин Нешковски.

Заев денеска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека институциите постапиле согласно законот и оти биле запазени сите процедури.

– Очекувам истрагата да покаже каде е човекот. Институциите постапуваат согласно законот, секако и во делот на правото на кој било затвореник или човек кој ја извршува својата казна – правото на викенд и правото за одмор. Постапено е согласно сите процедури. Верувам дека истрагата многу брзо ќе соопшти што се случува односно каде е господинот Спасов – изјави Заев по посетата на реновираниот кат на Клиниката за гастроентерохепатологија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Штипскиот суд распиша национална потерница за Спасов, кој по привремениот отпуст поради лекување не се врати во затвор каде издржува 14-годишна затворска казна.

Во меѓувреме се појавија информации дека наводно Спасов пребегал за Турција.