Заев ветува минималец од 450 евра, а на вработените им дава одвај 135 евра

Минимална плата во Македонија од 450 евра (27.600 денари) и тоа веднаш како законска обврска што државата ќе им ја наметне на стопанствениците. Ова е главната мерка што пред еден месец ја промовира лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за да може да се реализира концептот на „средна класа“, а со која очекува да собере победнички гласови на некои идни избори. Четиристотини и педесет евра навистина звучат прималиво и добро, но дали навистина е остварливо? И додека политичарот Заев ветува, бизнисменот Заев се демантира – платата што им ја исплатуваат фирмите на неговите најблиски роднини на своите вработени не поминува 9.000 денари, односно изнесува околу 135 евра. При тоа станува збор за просечна плата во фирмите, минималната е уште помала, пишува „Дневник“.

Од прегледот на исплатени плати во две фирми на блиски роднини на струмичкиот градоначалник стои дека од јануари до ноември оваа година просечната плата што им се исплаќала на вработените се движи од 8.200 до 9.500 денари. Така, во фирмата „Тргопродукт“ чиј основач е Убавка Заева, а директор Бобан Зајев, просечната плата што се исплатувала во јануари 2013 година изнесува 9.605 денари. Во последните три месеци (септември, октомври и ноември) таа во „Тргопромет“ изнесува околу 8.200 денари, т.е. околу 135 евра. Тоа е три и пол пати помалку од минималните 450 евра што ги ветува нејзиниот роднина.

„Тргопромет“, според евиденцијата на Фондот за здравство, има 46 вработени, од нив тројца земаат плата помала и од законскиот минимум за плаќање придонеси.

Убавка Заева, иако е основач, не зема плата од таа фирма, не е ни вработена. Директорот Бобан Зајев е пријавен и зема плата од 10.700 денари, што е нешто повеќе од 170 евра.

Втората фирма на роднините на Заев „Ева Стаил“ исто така не може да се пофали со високи минимални плати за своите вработени како што ветува лидерот на СДСМ само за да дојде на власт. Имено, „Ева Стаил“ има 55 вработени. Основач и директор е Славица Заева. Просечната плата што се исплатувала во фирмата во јануари 2013 година изнесува 10.402 денари (165 евра). Во ноември просекот на месечниот надоместок е 9.505 денари (150 евра). Директорката Заева е единствената што би го задоволила стандардот на Заев. Таа зема плата од 53.500 денари (870 евра).

Македонија има концепт на минимална плата како основица на која мора да се плаќаат придонесите за социјално осигурување, сега тоа е нешто над 8.000 денари (130 евра). Приватните стопанственици велат дека реално минималната плата што се исплатува во реалниот сектор се движи од 12 до 15 илјади денари (190 до 245 евра), но дека има и сектори што исплатуваат прилично ниски плати, со што се намалува и целокупната минимална плата. Такви се текстилната индустрија и услужните дејности, каде што минималецот е дури и под 130 евра. Просечната плата во Македонија изнесува 21.000 денари (340 евра).

Тоа би значело дека просекот што им го исплатуваат Заеви на своите вработени е двојно помал од просекот што го исплатуваат другите бизнисмени во земјава.

Просечната плата што ја исплатуваат фирмите на роднините на струмичкиот градоначалник е за 25 отсто помала и од таа што три дена по ветувањето на Заев дека македонскиот минималец ќе биде 450 евра пореално ја понуди неговата заменичка Радмила Шекеринска. Таа јавно вети дека кога СДСМ би дошол на власт би вовела минимална плата од околу 10.000 денари (162 евра).

СДСМ и Заев се’ уште не објасниле како мислат да дојдат до оваа минимална плата и врз основа на кои економски параметри ја извлекле бројката од 450 евра.

Добро е да имаме минималец од 450 евра бидејќи тоа би значело дека ќе се зголеми куповната моќ на граѓаните од што повторно бизнисот би ќарил, но да се предложи ваква мерка и тоа како законско решение е нереално, пред се’, затоа што тоа ќе го урне стопанството. Вака приватни стопанственици го пречекуваат ветувањето на Заев за минимална плата од над 27 илјади денари. Според нив, македонското стопанство уште најмалку неколку години нема да може да издржи минимална плата поголема од 250 евра.

„Секој приватен стопанственик се обидува да исплаќа месечен надоместок на ниво на некоја просечна плата во државата. Минималецот како концепт сам по себе не е добар. Подобро да ја затворам фирмата ако почнам да исплатувам минималец. Kај мене минималната плата изнесува околу 12.500 денари, а просекот е околу 22.300 денари. Од друга страна, колку и да се настојува да се даде поголема плата, не е реално некој да им ветува на луѓето дека ќе имаат минимум плата од 450 евра, тоа би било голем удар за газдите и стопанството“, вели, за „Дневник“, Аце Антевски, директор на „Раде Kончар“.

Слично како него размислува и Сеад Kочан, управител на градежната фирма „Трансмет“.

„Во услови кога имаме преголеми трошоци за администрација, законско воведување минимална плата од 450 евра ќе го оптовари стопанството. Секако дека кога бизнисот би имал услови, би им исплаќал поголеми плати на вработените оти тоа ќе значи поголема куповна моќ на луѓето, а од тоа ќарот повторно е на газдите. Минималецот во Македонија е околу 200 евра и тоа е реалната бројка, освен во некои гранки како текстилната индустрија и услужните дејности“, вели Kочан за весникот.