Заев: Владата искрено и силно е посветена во негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик

21

Денеска го одбележуваме Денот на македонскиот јазик, кој оваа Влада како дел од постојаната грижа, заштита и унапредување за нашиот мајчин јазик во 2019 година го прогласи за празник во чест на 5 мај 1945 година кога е донесено Решението на Президиумот на АСНОМ за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо на нашиот јазик, вели во честитиката по повод денешниот ден премиерот Зоран Заев.

Додава дека нашиот македонски јазик ги помина сите фази на создавање и кодификација, на пробив и препознавање, и денес со својата посебност е признат во целиот свет, впишан во личната карта на нашата држава во големото семејство на народи и на земји-членки на Обединетите нации.

-Оваа Влада искрено и силно е посветена во негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик, бидејќи нашиот јазик е нашиот национален и културен идентитет. Затоа поведовме иницијатива за измени и дополнувања на Законот за употреба на македонскиот јазик, но и ги слушаме сите забелешките и сугестиите во насока на промоција на нашиот македонски јазик.
Ја продолжуваме поддршката на голем број книжевни дела од издавачката дејност на Институтот за македонски јазик, како придонес за збогатувањето и унапредувањето на македонскиот јазик, вели Заев.

Потсетува дека на македонски јазик се школувале, се школуваат и ќе се школуваат генерации и генерации успешни академици, доктори, инженери, новинари, културни работници и сите останати. Тоа е јазикот кој се изучувал на триесетина универзитети ширум светот.

-Македонски јазик е јазикот на Блаже Конески, Гане Тодоровски, Даница Ручигај, на Анте Поповски, Славко Јаневски, Матеја Матевски, Ката Мисиркова-Руменова, на Петре М. Андреевски, Видое Подгорец, Оливера Николова и на плејада други подоцнежни и сегашни литерати кои низ годините наназад оставија илјадници книги напишани од нивното македонско перо.
2021 е година во знакот на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската култура – Блаже Конески, како најзаслужен за утврдувањето на македонскиот стандарден јазик. Токму во чест на Џинот од Небрегово, чие дело е светски признато ова одбележување, е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од страна на УНЕСКО.
Сѐ дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците, сѐ дури постојат Македонците ќе постои и македонскиот јазик. Тие две нешта не можат едно без друго, затоа што тие постоеле, постојат и ќе постојат во убава и нераскинлива симбиоза, вели Заев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.