Заев: Владата може да падне ако нема датум од ЕУ

Премиерот Зоран Заев од Брисел порача дека можното одлагање на одлуката за датум за преговори од страна на ЕУ ќе ја стави во опасност владата, јави дописничката на МИА од Брисел.

Премиерот оваа изјава ја даде пред избрана група новинари од странските медиуми осврнувајќи се на гласањето во германскиот Парламент, од кое во голем дел зависи одредувањето на датумот за преговори од страна на ЕУ.

За секоја одлука која се однесува на проширувањето на ЕУ, неопходно е претходно Бундестагот да даде зелено светло. Следниот рок за одобрување на одлуката од страна на Берлин е 28 јуни, по што министрите на ЕУ би можеле да го одредат конечниот датум во втората половина на јули, кога повторно ќе се состанат во Брисел.

Повторно одлагање, вели Заев, го зголемува ризикот за владата.

Бундестагот мора да испрати порака, ако не донесат одлука на седницата неделава, најверојатно имаат шанса за тоа на крајот на јуни, ако не го сторат тоа, тогаш останува за Советот на ЕУ во октомври, што значи дека Бундестагот би гласал во септември. И тогаш постои ризик да го изгубиме мнозинството во Собранието, затоа што навистина сѐ дадовме, рече премиерот Зоран Заев.

Тој објасни дека извештајот на Европската Комисија е најпозитивен до сега за Северна Македонија и дека сите без исклучок се согласни дека земјата треба да ги започне преговорите за членство. Заев нагласи исто така дека неговата влада направила суштински напори и презела голем политички ризик во процесот на усвојување на Преспанскиот договор, за што беше потребно двотретинско мнозинство. Оттука и опасноста пратениците, на кои им било ветено дека гласот за Преспанскиот договор и за уставните измени значи отворање на вратите на ЕУ, да изгубат доверба во власта.

Во случај Заев да го врати мандатот, речиси е извесно дека ќе треба да се одржат предвремени избори што ќе донесе поголема политичка нестабилност и неизвесност во однос на европските реформи.

Разочарувањето кое ќе се појави кај нашите граѓани ако нема позитивна одлука на Советот на ЕУ ќе им даде надеж на националистичките сили, тоа значи дека ќе има граѓани кои ќе одлучат да ги поддржат националистичките, радикалните сили, и тоа не е добро за Северна Македонија и не е добро за регионот, рече Заев, додавајќи дека смета оти од македонска страна е направено сѐ што требаше и дека земјава чека да се отворат овие врати веќе петнаесет години.

Премиерот вели дека поради ризикот да падне владата ако нема преговори со ЕУ, тој чека за реконструкцијата.

Ако ја изгубам поддршката на парламентот, тогаш зошто да правам реконструкција на владата? Затоа чекам, јас сум подготвен, нашите граѓани знаат горе долу кој ќе биде сменет во владата, но не е нормално да правиме реконструкција ако падне владата, може ќе треба да одиме на предвремени избори, или да добиеме нов мандат од претседателот, не се знае, но прво Бундестагот треба да испрати порака, изјави премиерот Зоран Заев.