Заев: Во прв круг одат сите, а потоа ќе има коалициска поддршка со ДУИ, БЕСА и ДПА

Во првиот круг одат сите, потоа ќе се поддржуваме фер, рече денеска премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев за коалицискиот настап на претстојните локални избори, планирани за наесен. Заев вели дека на изборите ќе настапат заедно со ДУИ, со БЕСА и со ДПА.

„Нормално деталите не можеме да ги кажеме уште оти не ги знаеме имињата, но дефинитивно ги знаеме принципите на коалицирање. Се знае во првиот круг одат сите, после тоа се поддржуваме, фер, така на граѓаните ќе им оставиме сами да ни кажат патот кој е, кој треба на крајот да биде избран во сите други градови, рече Заев.

СДСМ е фаворит во сите градови за претстојните локални избори, тоа го потврдуваат анкетите, изјави Заев. Тој вели дека граѓаните определуваат кој треба да биде избран за градоначалник и затоа СДСМ ги селектира најдобрите можни кандидати.

На новинарско прашање во врска со кандидатот за градоначалник на Битола, претседателот на СДСМ  Заев одговори дека првите истражувања покажуваат фаворитска основа и за сегашнаа градоначалничка и за уште неколку квалитетни луѓе.

-Според истражувањaтa градоначалничката Наташа Петровска е еден од најдобрите градоначалници во државата, ама тоа го мисли Зоран Заев. Да видиме битолчани што мислат. Првите истражувања покажуваат фаворитска основа и за неа и за уште неколку наши квалитетни луѓе овде. Но се надевам дека втората и третата анкета коишто се во тек ќе го кажат конечното, затоа што само тогаш можеме да кажеме дека ги слушаме граѓаните кои ни даваат мандат да сработиме и да оставиме зад себе задоволство. Секој пат можеме повеќе. Тоа што е сработено во Битола во минатите години мислам дека покрива два до три мандати на поранешните градоначалници што оставиле. Зошто?  Заради тоа што затекнавме блокирана општина,  сега е одблокирана, развиени се проекти буквално насекаде низ Битола, истакна Заев на прес – конференција во Битола.