Заев води политика купи ден продај, денес едно утре друго

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното гостување на вестите на телевизија Сител кажа дека има само една причина поради која државата оди назад, а таа причина има и свое име и презиме и се вика Зоран Заев. Мицкоски потенцираше дека суштината на политичар главен и основен предизвик да му биде како да го направи животот на своите сограѓани подобар.

Зоран Заев за жал во тоа не успеа изминатава година дена, доволно беше ехото кое што се слушаше на платото пред Владата на Република Македонија. Јас навистина можам од овде да порачам дека ако вака се продолжи да се осиромашува и да се влече назад Македонија, можеби само еден ќе биде губитник во случајот, а тоа е народот . Јас не би сакал тоа да се случи и токму поради таа причина тој ден многу јасно, многу гласно, многу прецизно побаравме предвремени парламентарни избори, изјави Мицкоски.

Тој не е изненаден од коментарите на СДСМ дека тој само ги продолжува политиките на Никола Груевски.

Единствено мерило за нас како политичари е гласот на народот, на оние десетици илјади граѓани кои од цела Македонија се собраа пред платото на Владата громогласно кажувајќи му го своето мислење на Заев. Една година откако ВМРО-ДПМНЕ е во опозоција и само пет и пол месеци откако бев избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, направивме народен собир на кој граѓаните му кажаа едно големо НЕ на Заев за политиките кои ги води не само на домашен туку и на меѓународен план. Мислам дека паметен политичар треба да извлече поука од она што се случуваше во саботата, и врз основа на таа поука да води политики со кои ќе обезбеди подобар живот за граѓаните, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото гостување на Дневникот на Сител телевизија потенцираше дека секоја подарена власт нема долго да трае и од таквата судбина нема да избега ни Зоран Заев. Мицкоски се осврна и на преговорите околу името и кажа дека доколку ние се водиме според барањата на другата страна во преговорите, ние сме подготвени да капитулираме.

Преговори се водат за да се најде некое симетрично решение внатре во рамката на тие преговори, ако ние црвената линија ја прифаќаме како конечна позиција, тогаш зошто да имаме преговори, тогаш нема потреба ние да преговараме. Прашањето треба да се постави спротивно, односно кој не доведе до една таква ситуација, да сега се обидуваме да направиме една општествена депресија во јавноста во Македонија, дека ова е тоа или не може ништо друго да се случи во меѓувреме, изјави Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека тоа значи дека некој треба да сноси одговорност за тоа што ја донел Македонија во една ваква позиција, да мора државата сега да презентира една ваква крајна позиција на спротивната страна, како единствено можно прифатливо решение.

За жал нема назад, по ова што Владата и го направи на Македонија во преговорите нема назад, тоа е најлошата порака која тие ја упатијаод овие преговори, вели Мицкоски.

Мицкоски го потврди уште еднаш ставот на ВМРО-ДПМНЕ, дека нема да биде дозволена промена на Устав со цел промена на уставно име.