Заев: Вработените роднини на функционерите да се повлечат од работните места

ДКСК вчера утврди дека кај шест од вкупно 18 случаи на вработувања на блиски роднини на функционери имало непотизам.

Премиерот Зоран Заев на вечерашната трибина во Прилеп, повика на политичка и професионална одговорност од секој што направил непотизам и го ускратил правото на граѓаните.

Само така, посочи, ќе ја средуваме државата и никако поинаку.

Еве ги денеска одлуките, директно испраќам наредба до сите, веднаш да се повлечат од работните места каде што се. Само така ќе функционира системот. Државната антикорупциска комисија е независна институција и очекувам да ги соопшти резултатите што ги најави и за другата страна оти тие беа примерот за непотизмот во државата и целото партиско, но и роднинско вработување. Очекувам и за другата страна, додаде Заев.

ДКСК вчера утврди дека кај шест од вкупно 18 случаи на вработувања на блиски роднини на функционери имало непотизам и побара прекршочна пријава против министерот за еконимија Крешник Бектеши за влијание при вработување на неговата сестра, а најави дека две прекршочни пријави ќе има и против претседателот Ѓорѓе Иванов за армиски унапредувања  за време на предизборниот период.

Според Антикорупциската комисија, при некои од вработувањата имало измени на актите за вработувања и тие не одговaрале на систематизацијата, туку критериумите во огласот биле местени за кандидатот што требало да биде вработен. Меѓу овие случаи се и вработувањата на роднините на пратеничката Мира Стојчевска. Тука се и бабата, дедото и сестрата на Александар Кирацовски, генералниот секретар на СДСМ. Според ДКСК влијание се вршело и при вработувањето на мајката на Костадин Костадинов, пратеник и портпарол на СДСМ.  Индикации за влијание има и за вработувањето на сестрата на министерот за култура Асаф Адеми за која комисијата констатирала дека било креирано ново работно место две недели пред да биде објавен огласот.

Антикорупционерите објавија дека нема нерегуларности при вработувањата на ќерката на претседателот на собранието Талат Џафери, Бесијана, во ЕЛЕМ и кај вработувањето на синот на пратеникот Горан Мисовски, Кристијан, во Агенцијата за супервизија, како и за Надица Делкова, сопруга на градоначалникот на Неготино за вработување во ОУ „Гоце Делчев“ во Долно Дисан.