Заев за една година исплатил 350.000 евра за хонорарци со кои можел да купи седум болнички возила

Премиерот Зоран Заев за една година исплатил 350 илјади евра за исплата на хонорарците во Владата, со коишто можел да купи седум болнички возила, од кои едно можеби ќе можеше да го спаси животот на овчарот од кратовско кој почина во болница, откако претходно пет часа доктор на раце го носеше за да го спаси, затоа што немаше болничко возило кое можеше да го земе, изјави во средата на прес конференција, Дарко Костовски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Овие 350 илјади евра наместо за хонорарци на Заев можеа да се потрошат за вработување на медицински персонал, па можеби ќе имаше кој да и даде кислород на жената што почина во штипската болница, затоа што немаше кој да и даде кислород. 350 илјади евра се пари со кои можеа да се набават десетина илјади вакцини, но наместо за тоа се потрошија за исплати кон синот на Самка Ибраимоски, претседателот на СДММ Марко Михаилоски, квази независниот колумнист Петрит Сарачини и други апологети на Заев“, рече опозицискиот пратеник.

Костовски посочи дека со 350 илјади евра власта можеше да набави десетина илјади теста за коронавирусот, таблети и разни терапии, но наместо за лечење и спасување на човечки животи, 350 илјади евра во ек на пандемија беа потрошени за згрижување на коалициони партнери, функционери од партијата, нивни роднини, и таканаречените независни колумнисти.

„350 илјади евра се пари со кои можеше да се направи многу и да се спасат стотици животи, но Заев одбра да ги дава за хонорарци, негови партиски активисти, коалициони партнери и дежурни фалбаџии во медиумите“, додаде Косовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.