„Се работи за здравствени причини, нормално…“, ова е неаргументираното објаснување на претседателот на СДСМ, Зоран Заев за оставката на претседателот на ФЗОМ, Ден Дончев. Притоа Заев не објасни, што е толку „нормално“ во оставка од здравствени причини и кои се тие здравствени причини кои се најчест блеферски изговор при поднесување на оставка, особено кога човекот кој ја дава истата таа оставка е солидно обременет со дузина тешки афери, тешки милиони и милиони евра.
На прес-конференцијата Заев, одговарајќи на новинарско прашање каде е директорот на ФЗОМ кој поднесе оставка, рече дека тој е се уште на работа и ќе ја извршува функцијата додека не биде поставен нов директор.
-Секако, за неговата оставка сум информиран уште од март заради тоа што има семејни и приватни причини, се работи за здравствени причини, нормално, очекување беше дека на 12 април ќе заврши периодот на предизборие, ќе има избори и потоа ќе се именуваат нови директори. Како што се продолжи кризата чекавме период да помине и сега ми е јасно зошто на одминување на кризата е поднесена оставката, рече лидерот на СДСМ, правдајќи го Дончев.