Заев за трагедијата: Со Бугарија сме заедно и во добро и во лошо

Автобуската трагедија ќе се одрази позитивно на односите меѓу двете земји, затоа што си помагаме, а и институциите работат заедно. Ова го порача премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со привремениот бугарски премиер Стефан Јанев и додаде дека Македонија и Бугарија се заедно и во добро и во лошо.

Тој изрази сочувство за загубата на двете земји, посочувајќи дека Бугарија вчера поладнето загубила девет животи во пожар во старечкиот дом, а Македонија изгуби 46 животи, пред сè млади луѓе во една страшна трагедија што се случи со страшната автобуска несреќа.

– Оваа трагедија позитивно ќе се одрази на односите меѓу двете земји, зашто си помагаме и институциите работат заедно. Ова е пораката на народите од двете страни. Тука сме за да си помогнеме кога е тешко и да ја споделиме радоста кога е добро. Соработката е на високо ниво, а и довербата во институциите едни со други е голема. За причините на несреќата не би коментира, затоа што треба експертите да ги кажат сите детали – изјави Заев.

Бугарскиот премиер Стефан Јанев, посочи дека трагедиите се вообичаени и трагедиите се она што нè допира и прави луѓе и сочувствителни – без разлика од која националност се луѓето кои повеќе не се со нас.

– Денеска е посебен ден, ден кој бугарскиот народ го одбележа со две сериозни трагедии. Ден одбележан со две тешки трагедии – синоќешниот инцидент во село Ројак, каде загинаа девет бугарски државјани. Трагедијата се уште се истражува. Истражните органи мора да си ја завршат работата. Неколку часа подоцна, нова трагедија го одбележа денешниот ден – рече Јанев.

Во врска со автобуската несреќа, Јанев истакна дека бугарските и македонските власти работат во координација, нагласувајќи дека „од истрагата се надеваме дека ќе ги научиме овие лекции кои ќе нè штитат од вакви инциденти во иднина“.