Заев за ТВ 24: Јули е доцна за избори, подобро е да бидат во средината на јуни

Првиот момент кога може да се оди на избори, треба да го прифатиме, рече лидерот на владејачката партија СДСМ, Зоран Заев, во вечерашното гостување на ТВ24.

Но, според него, здравјето на граѓаните е најважен приоритет и ако состојбата не дозволува избори, тоа треба да се има предвид.

„Како одговорни политичари треба да заземеме ставови со аргументи. Не знаеме дали ќе има нареден бран на вирусот. Дај боже да нема, но што ако сепак се случи? А во декември истекуваат четиригодишните мандатите, па тогаш ќе имаме уште поголема криза“, рече Заев.

Тој потврди дека ќе оди на најавената лидерска средба кај претседателот на државата, Стево Пендаровски, иако сè уште не добил покана.

„Ќе побараме на лидерската средба да се слушнат сериозните аргументи на институциите. Ако има олабавување на мерките, ќе бараме веднаш да се оди на избори“, исткана Заев.

Според него, дефинитивно треба да се фати моментот кога ќе биде дефиниран датумот за избори. Додаде дека ќе ја почекаат утрешната одлука на Уставниот суд во однос на постапката за Собранието.

Во однос на изборниот процес, Заев истакна дека тој е замрзнат и дека треба да продолжи од таму каде е застанат.

„Самиот процес е замрзнат каде што е застанат, во самото замрзнување на процесите кандидатските листи се поднесени, гласачите од дијаспората се заокружени, други постапки се заокружени. Во делот на ревизијата на избирачкиот список, таа е прекината, скратените рокови кои што Уставот и Законот ги даваат се триесетина дена. Затоа се обраќам и до претседателот на ДИК, може да бидеме со различни интереси, но мора да преовлада интересот на државата. И од ОДИХР имаме потврда дека се подготвени да испратат мисија. Дефинитивно она што треба да преовлада е интересот на државата, дали ќе ја ставиме во ризик и да влезе во уставни проблеми од кои нема решение или навистина ќе бидеме одговорни и ќе го прифатиме првиот можен рок, а тоа сметам дека е средината на јуни“, рече Заев.

Тој смета дека е доцна во јули да се оди на избори, затоа што треба да се гледа и здравствената состојба, но и економијата.