Заев за Зафировски: Не сум истражен орган зошто некој има сметка дома или надвор од земјата

„Законот ми дал право да ангажирам советници и согласно трошоците што ги создава  самиот ангажман, се определува и надоместокот. Немам намера да бидам истражен орган зошто некој има сметка дома или надвор од земјата. Тој човек дел од своето време го поминува во Франција, нормално е дека е наш граѓанин, се вика Љупчо Зафировски и има свое живеалиште тука“, одговори премиерот Зоран Заев на обвинувањата од пратеникот Антонијо Милошоски, искажани од говорницата на денешната собраниска седница, во врска со советникот на премиерот Љупчо Зафировски за односи со Франција.
Пратеникот Милошоски рече дека Зафировски не живее во Париз, има постојано живеалиште во Скопје и не ја прима платата во Скопје.
– Премиерот и советникот избегнуваат плаќање на данок, ја прима платата во Србија на трансакциска сметка што ја отворил таму затоа што во Македонија сака да избегне обврски. Со тоа прават кривично дело „измама“. Моето прашање е дали премиерот Заев знаел дека специјалниот советник за Макрон не живее во Париз и дека живее во Скопје и не ја прима платата од 1.200 евра во Скопје, туку ја прима во Србија, рече Милошоски.
Додаде дека за тоа има покренато иницијатива и Антикорупциската комисија.

Според Заев, на дел од советниците им завршуваат ангажманите, тие се хонорарно ангажирани, не се вработени, имаат авторски договор односно договор на дело за што, се плаќа персонален данок при исплатата на самите трансакции.
– Целосно законот ми го дава тоа право и незнам зошто треба да се прави ваква драматургија. Човекот е франкофон, зборува француски, има свои конекции, кои сум верувал дека во моментот на ангажманот може да бидат од помош, а тоа ми влијае на носењето на одлуки. Мојата перцепција е дека такви луѓе кои допираат до луѓе околу раководството на Франција, како наш стратешки партнер и пријател, ќе има можност директно да доставуваат информации плус кои се од наша полза и да креираат позитивна атмосфера при процесот на одлучување за нашите интегративни процеси, но и унапредување на економската соработка“, објаснуваше Заев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.