Заев за знамето во кабинетот на Џафери: Ако се случила грешка се надевам ќе се поправи

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска изјави дека очекува, доколку претседателот на државата Ѓорге Иванов му го даде мандатот, до крајот на овој месец да биде формирана нова влада. Заев изрази подготвеност за средба со Иванов заедно со коалициските партнери на која, како што изјави, уште еднаш ќе ја гарантираат унитарноста на државата.

Писмото со кое Иванов се информира дека е фомирано парламентарно мнозинство и оти е избран претседател на Собранието било испратено вчера, а десетте дена за давање на мандатот, како што кажа Заев течат од моментот кога тоа ќе биде евидентирано во архивата на претседателот на државата.

– Покрај решавањето на правниот аспект со десетте дена јас сум подготвен да го посетам господинот Иванов. Ќе разговарам со коалициските партнери и лидерите да одиме заедно и уште еднаш да ја гарантираме унитарноста, уставноста, мултиетничноста, НАТО и ЕУ и перспективите на државата. Уште еднаш да го гарантираме и да го потврдиме се во функција на час поскоро да се додели мандатот. И од наша страна да не ги користиме дваесетте дена и да излеземе пред парламентот со предлог на новата влада, рече лидерот на СДСМ.

Според него, постојат можности до крајот на месецот да биде избрана новата влада, но тоа зависи од одлуката на Иванов да го даде мандатот, како и од техничката функционалност на Парламентот.

Запрашан за поставеното албанско знаме, покрај македонското и она на ЕУ на работната маса на Талат Џафери, кој беше избран од мнозинството за претседател на Собранието, Заев рече дека законите во Македонија се јасни и оти тие треба да се почитуваат и оти тој што ја направил грешката треба да ја поправи.

– Сакам да се почитуваат законите и Уставот на Република Македонија без разлика дали кршењето на закони или доаѓа од наш коалициски партнер или не. Секој треба да има политичка и законска одговорност. Законите во Македонија се јасни и тие треба да се почитуваат. Ако се случила одредена грешка тој што ја направил, се надевам, дека ќе ја поправи. Мораме да испратиме конечно пораката дека Уставот и законот не може повеќе да се газат и тоа да се покажува како патриотски чин, без разлика дали е тоа од Македонците, Албанците, Турците, Србите… Треба сите да водиме грижа, изјави Заев.