Заев: Здраво е за државата ДУИ да оди во опозиција по 17 години власт

102

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска уште еднаш ја отфрли како неприфатлива идејата на ДУИ за Албанец премиер. Со ваков, како што оцени, национал – популистички концепт, ДУИ ќе изгуби и ќе премине во опозиција.

Според Заев, по 17 години власт, здраво е за државата ДУИ да помине во опозиција. Но, тоа е здраво и за самата партија, зашто кога е во опозиција, рече,ќе се подобри и реформира.

Одговорајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во партискиот штаб, Заев истакна дека никој не треба да прифаќа ултиматуми, особено не сега, кога за првпат е формирана мултиетничка коалиција како најсилна гаранција за граѓанскиот концепт.

Воедно им порача на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ да се помачат за да добијат македонски, албански, босански, турски,…, гласови па тогаш да кандидираат кандидат за премиер.

„Ова што денеска се пласира од ДУИ, веќе го коментирав и повторно ќе го кажам, е само национал – популистичкиот концепт и ништо друго и верувам ќе изгуби и ДУИ заради тоа, зашто граѓаните треба да ги гледаме како кандидати – почнувајќи од мене и сите понатаму, рамнопрвно како кадарни, квалитетни, посветени, луѓе кои изградиле свој кредибилитет, кои се подготвени следните четири години целосно да се посветат на служење на граѓаните, чесни и од тој аспект да се разговара за секоја функција, премиер, градоначланици, директори,….“, подвлече Заев.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ остануваат заедно во опозиција.

„ДУИ си помага со ваквиот наратив да помине во опозиција, а и здраво е по 17 години власт, да помине во опозиција, здраво е и за државата, но и за ДУИ. Во опозиција партиите се подобруваат, се реформираат. Секако, ова е наш став, но тоа на крајот ќе го кажат граѓаните, на изборите“, напомена Заев.

Заев потсети дека тој и неговата партија се основоположници на концептот „Едно општество за сите“.

„На сите треба да им биде јасно дека јас себе си и СДСМ го сметам за основоположник на концептот „Едно општество за сите“. Покажавме дека сме растоварени од етничката припадност на граѓаните. Има добри и лоши луѓе, квалитетни и способни и неквалитетни и неспособни кои не можете да ги номинирате за која било функција. Ние денеска во СДСМ имаме потпретседатели, членови на централниот и извршниот одбор, министри, пратеници, директори од сите етнички заедници и тоа е убавината на мултиетничка Македонија“, рече лидерот на СДСМ и додаде дека идниот премиер ќе биде од СДСМ.

Ги донесовме одлуките. Јас сум идниот мандатар на владата, потенцира Заев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.