Некатегоризирано

АНАЛИЗА на порталот „Курир“ Заев знаел за поврзаноста на Бејта со „Монструм“, а го користел за трговија за коалиција?

Заев знаел за поврзаноста на Бејта со „Монструм“, а го користел за трговија за коалиција?

Јавноста не престанува да се бранува после сведоштвото на родителите на убиените деца на Смиљковско Езеро на Велики четврток во 2012 година.

Горан Наќевски, таткото на Александар едно од убиените момчиња кај Смиљковско Езеро на последното рочиште истакна дека премиерот Зоран Заев на средбата со нив им покажал транскрипти од разговор меѓу Невзат Бејта и еден од обвинетите.

– На една од средбите, сегашниот премиер Зоран Заев ни кажа дека тие броеви се на пет функционери од ДУИ, а ни покажа и транскрипт од разговор воден помеѓу потпретседателот на ДУИ, Невзат Бејта со обвинетиот Фејзи Азири. Не ни ги даде транскриптите бидејќи ни рече дека ќе сторел кривично дело, но затоа бараме од судот да изврши претрес во СДСМ и да ги одземе овие документи. Бараме и Заев, ако треба и стражарно да се донесе во судница, па тука да се соочи со сите родители за да видите дека ја зборуваме вистината, рече таткото на Наќевски.

И мајката на свирепо убиениот Александар сведочеше за ваквите материјали кои им ги покажувал Зоран Заев.

– Се слушаше гласот на Фејзи Азири и непознатото лице: „Вечерва сонував лош сон. Сонував како му ги врзуваат рацете на момчето и плачев. Си велев, да не нè се израдувам, да не нè го завршам тој никаквец“, цитира Зорица Наќевска, мајката на Александар, дел од транскриптот од разговорите.

Ова само потврдува дека Зоран Заев прилично добро бил информиран за случајот „Монструм“, за сторителите, за јатаците и за контактите на обвинетите со функционерите на ДУИ како што е случајот со Невзат Бејта.

Доколку се анализираат настаните поврзани со објавувањето на бомби од страна на Заев и случајот Монструм тогаш се заклучуваат следните факти.

Факт 1. Родителите на убиените деца оствариле средба со Зоран Заев, после која останале убедени дека осомничените за убиството на Смиљковско Езеро се вистинските извршители, но истовремено разочарани од односот на Заев.

– Ние со нервоза го следиме процесот, ама добро го познаваме случајот, колку работи можеме да игнорираме и не можеме нормално да живееме ние како вчера да се случи случајот и нормално нема живот во нас. Цврсто сме убедени дека овие се убијците. Господинот Заев пет месеци се рекламираше со нашиот случај и ни пушти порака дека ќе ни ги даде тие пет броеви чувани како државна тајна, ама ништо од тоа до сега. Неговата гаранција видовте колку вреди. Ние сме огорчени од самиот Заев, бидејќи многу ни ветуваше и на крајот ништо. На денот на убиството беше Велики четврток, тука се многу работи во игра, не може некој без никоја причина да пука во деца, велат родителите на убиените деца.

Факт 2. Зоран Заев пред медиумите ширеше шпекулации во врска со случајот Монструм кој според него може да предизвика сериозни безбедносни нарушувања доколку се обелодени вистината. Со ова ја држеше тензијата во јавноста со вака чувствително прашање и го злоупотреби за политички цели.

– Сомневањата се големи, нашата намера не е да ставаме квалификации, но секако вистината штом ќе ја обелодениме, граѓаните ќе знаат што во суштина покажува таа вистина. Дека постојат големи сомневања за тоа што се случило со случајот „Монструм“, изјави Заев во мај 2015 година

Факт 3. Зоран Заев имал пристап до најмалку 38 000 фајлови нелегално стекнат материјал во кој имал јасен увид во случајот „Монструм“. Се шпекулира дека овој материјал потоа можеби го злоупотребил за да влијае врз политички субјекти и политичари за да издејствува политичка корист. Меѓу овие фајлови се наоѓале и транскриптите за кои говорат и родителите на убиените деца. Веројатно целите овие материјали се предадени на СЈО.

Она што СЈО го има во рака, според сознанијата на „Фокус“, се 38.000 телефонски разговори, од кои дел ги имаат како снимка, а за дел постојат само транскрипти, но сите се произлезени од незаконското масовно прислушување во УБК.

Факт 4. Невзат Бејта еден од посочените од страна на родителите како лице кое комуницирало со осомничените од случајот „Монструм“, а кое го дознале од транскриптите кои им ги покажувал Заев, остваруваше средби во четири очи со Зоран Заев.

– Висок функционер на СДСМ за Либертас потврди дека потпретседателот на ДУИ, Бејта, се сретнал со Заев, но не се открива за што точно се разговарало.

Факт 5. Невзат Бејта беше најистакнат во раководството на ДУИ кој од позицијата градоначалник од една од најзначајните општини за ДУИ, Гостивар и потпретседател на партијата се спротивставуваше на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и почитување на непишаното правило за коалиција победник со победник.

– Ниту еден Албанец не сака да соработува со Груевски, изјави Невзат Бејта, потпретседателот на ДУИ во емисијата Клик плус на ТВ 21. Гостиварскиот градоначалник ова го изјавува во екот на разговорите за можни комбинаторики за формирање на коалиција за нова македонска влада. Наспроти него, портпаролот на партијата беше многу повнимателен. Ова се случуваше на крајот на декември 2016 година, непосредно по завршувањето на парламентарните избори.

Факт 6. Невзат Бејта беше човекот во ДУИ кој остваруваше средби со Заев и СДСМ и се смета за најзначаен за коалицијата ДУИ-СДСМ.

– На крајот на јануари 2017 година тројцата потпретседатели на ДУИ, Теута Арифи, Невзат Бејта и Изет Меџити заминаа од состаноците во партиското седиште, каде што централното претседателство на ДУИ во проширен состав решаваше за можната коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за состав на влада. Во тој ден возилото на Бејта било забележано пред партиското седиште на СДСМ во Скопје.

Факт 7. Случајот „Монструм“ беше дел од Тиранската платформа, која што ја потпишаа претставници на ДУИ и останатите партии на етничките Албанци во Македонија и која што ја поставија како основен услов за формирање на влада по изборите во 2016 година. Зоран Заев формираше влада со дел од потписниците, за што јавноста критикуваше дека со тоа ја презел одговорноста да ги спроведува точките од Тиранската платформа.

– Платфрмата предвидува целосно расчистување на прашањата и судските постапки како „Сопот”, „Бродец”, „Монструм” и „Куманово” преку една анкетна комисија или меѓународен независен орган, рече Ејуп Аљим од собраниска седница пред повеќе од една година.

Факт 8. По завршувањето на работата за воспоставување на коалиција меѓу СДСМ и ДУИ на централно ниво, блискоста помеѓу Заев и Бејта се преточи во соработка за локално ниво. Ова беше своевидна награда за Бејта за добро сработената работа. Имено СДСМ го поддржа како свој кандидат за градоначалник на општина Гостивар, а го активираше и Оливер Спасовски да му помогне во кампањата. Апсурдот да биде поголем министерот за полиција кој наместо да ги гони сите оние кои се вмешани во помагање,  или извршување на петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, истиот тој министер учествуваше на митинзите и даваше хвалоспеви за Бејта, човекот кој родителите на убиените деца го посочуваат за поврзан со убијците.

– Ако СДСМ со сите свои капацитети и расположливи сили и со секој свој член, поддржувач и симпатизер го рушеше режимот на Груевски, Невзат Бејта беше еден од луѓето што исто така рамо до рамо со нас со сите битки го рушеше режимот на Груевски. На првиот состанок Бејта ми рече „ќе биде другар многу тешко“, ама ние ќе победиме. Јас денеска велам ќе биде тешко на 29 и ние ќе победиме, ова во октомври минатата година за време на локалните избори го изјави Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи.

Факт 9. Во март месец оваа година СЈО го побара и доби предметот Монструм од организиран криминал. СЈО кој според ВМРО-ДПМНЕ важи за инсталација на СДСМ, со овој потег предизвика многумина да го протолкуваа како еден вид подготовка на јавноста за ослободување или преквалификација на делото за обвинетите во случајот Монструм, меѓу кои и Фејзи Азири ( лицето кое родителите го поврзуваат со Невзат Бејта). Во меѓувреме Врховниот суд го врати случајот на повторно судење и донесе одлука Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута да бидат пуштени на слобода.

– Зоран Заев и органите на прогонот под негова команда, не само што им измислија, конструираа и процесираа обвинение за тероризам, туку повеќе им веруваат на убијците од Смиљковско езеро дека редовно ќе се јавувале на суд и дека нема да ја напуштат Македонија, отколку што им веруваат на македонските патриоти, реагираа од опозициската партија.

– СЈО повеќе од две години водеше предистражна постапка за „Монструм“, но според нивната одлука случајот ќе го преземат во фазата до која е стигнат, односно нема да се враќа на самиот почеток, во истрага. Дотогаш СЈО ќе треба да ги изведе доказите што ќе произлезат од прислушуваните разговори, а и оние кои веќе беа користени, поради што може да се очекува поместување од првичното обвинителско сценарио за петкратното убиство. Не се исклучува ниту можноста дека за дел од обвинетите ќе се повлече обвинението, а на нивно место да се најдат нови обвинети, но и дека за дел ќе се зацементира уште повеќе, пишуваше Фокус.

Од сево ова произлегуваат следните прашања:

Дали Зоран Заев цело време знаел за наводната вмешаност на Невзат Бејта во случајот Монструм, односно за наводната телефонска комуникација помеѓу обвинетиот и Бејта?

Дали Зоран Заев свесно го злоупотребувал овој случај за политички цели и за уценување на Бејта, потпретседателот во ДУИ за расипување на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и формирање на коалицијата СДСМ и ДУИ?

Дали Зоран Заев како награда за соработката со Бејта ја поддржа неговата кандидатура за градоначалник на Гостивар, иако на родителите наводно им покажувал компромитирачки транскрипти за Бејта?

Дали Зоран Заев му ветил на Бејта за соработката која што ја имале дека, нема да биде прогонуван од СЈО кој што го превзел случајот Монструм?

Дали Зоран Заев стои зад преквалификацијата на обвиненијата која што ја најави СЈО за обвинетите во Монструм и како резултат на тоа ќе биде намалено делото или можеби ослободено лицето кое што наводно се поврзува со Невзат Бејта?

Извор: www.kurir.com.mk