Заевиот илинденски говор

Илинден го одбележивме, така како што го одбележивме. Лидерот на опозицијата им го честиташе празникот на Македонците од Република Македонија. Претседателот и премиерот на Македонците од републиката. Трагично! Пораките на г. Мицковски произлегуваа од историското сеќавање на народот. Пораките на Претседателот беа неутрални. Пораките на г. Заев беа трагични. Тој во говорот ја покажа целата апсурдност во која ја доведе Република Македонија и Македонците. Го започна процесот на фалсификување на македонската историја.

На едно место во својот говор тој ќе каже:

„ …Првите илинденци се бореа за Крушевската република…“.

Поголема гадотија не можеше да изусти. Поголемо плукање врз жртвите од Илинденското востание не сме го доживеале и од најголемите негатори на нашата историја. Внатрешната македонска револуционерна организација се бореше за автономија на Македонија. Таа не се бореше за Крушевска република. И за воља на вистината, Илинденското востание не беше само Крушево. Востаниците, како што го ослободија Крушево, така ги ослободија и Невеска и Клисура. Г. Заев намерно ги испушти овие два града, бидејќи денес се наоѓаат во Република Грција. Според перверзната логика на г. Заев се што е македонско, а не се наоѓа на просторот на денешна Република Македонија, треба да се избрише од историјата. Од друга страна, се што е на просторот на Република Македонија да се генерализира и да се денационализира. Договорите со Бугарија и Грција тоа го бараат и тој тоа мора да го испорача. Шарените и неговите странски подржувачи само затоа го донесоа на власт.

Од тие причини во продолжение ќе каже: „ …Првите и вторите илинденци од 1944 се бореа за иднината, а не за минатото. Затоа ние денеска сме сите деца на Илинден… “. Првите и вторите илинденци се бореа за иднина, но во независна Македонија. Тие не се бореа за подобра иднина на Македонците во Османската империја, или во Бугарија. Тие се бореа за сопствена иднина, во сопствена држава.

Добро ќе беше г. Заев, да запреше овде некаде. Но, не може. Лагата мора да стане поголема за да биде поубедлива. Новата македонска историја, која би требало да се пишува според замислите на г. Заев, треба да кореспондира со, од него, замислената денешница. Токму затоа, сосема свесно тој ќе ја каже и следнава мисла: „ …Илинденското востание е крик за европска Северна Македонија… “.  Не навлегувајќи во фактот дека оваа реченица е напишана во сеагашно време, не навлегувајќи во фактот дека е дрска, неморална лага, тој со неа, сака да го сокрие најголемиот криминал, што го направи. Ја погази вољата на мнозинството Македонци. Со криминални манипулации го смени уставното име на Република Македонија. Илинденското востание беше и во физичка смисла крик, но крик за независна Македонија. Тој крик, сакале некои или несакале, беше присутен за време на референдумот за независност, но и за време на бојкотот на референдумот за промена на уставното име. Само уште во и главата на Заев и неговите подржувачи, Илинденскиот мит може да биде крик за Северна Македонија.

Апсурдноста Илинденското востание да се поврзе со некаква Северна, па уште и европска Македонија е само еден од многуте манипулации со кои Македонците ќе ги жнеат плодовите од владеењето на Заев и неговата камарила. Да биде иронијата поголема тој измислувајќи непостоечко минато истовремено повикува и на помирување и на обединување. Без срам и перде, тој кој свесно се откажа од сопствениот народ и од сопствената историја, тој бара помирување и обединување. „ …Продолжуваме со политиките на надминување на поделбите. Сите ние, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, патриотска должност ни е да се помириме и обединиме внатре… “.

Искажаниов став е уште една од неговите манипулации и обиди да ја сведе Република Македонија на држава на етнички заедници, согласно договорите со Бугарија и Грција. Токму затоа тој подметнува кукавичко јаце и наместо за национално обединување и помирување тој зборува за некаква патриотска должност. Патриотизам постои само доколку постои нација. Нацијата и патриотизмот се две лица на ист општествен феномен. Во Република Македонија, постои македонска нација сочинета од Македонци, Срби, Роми, Турци и да не набројувам. Исто како што постои се’ уште неинкорпориран дел, кој го сочинуваат припадниците на албанското национално малцинство. За жал, ние сме единствена држава во светот, во која нејзиниот премиер се плаши ова да го каже. Се плаши бидејќи добро знае дека дојде на власт со гласовите на тие што се уште не се инкорпорирани и одбиваат да се инкорпорираат во матицата на македонската нација. Оттука да се зборува за помирување врз етнички основи може само и само помеѓу Македонците и Албанците.

Македонско-албанското помирување, кога тогаш ќе дојде на агенда на политичките елити. Но, за да се случи тоа потребно е друго помирување. А, тоа е македонско-македонското. Без него, нема ниту македонска нација, ниту македонски патриотизам. Со Заев и неговата камарила тоа не може и не смее да се случи. Нивното национално предавство не смее да биде аболицирано. Тој заедно со своите соработници, но и молчаливите потпомагачи расфрлани по различните државни институции, мора кривично да одговараат за смената на уставното име. Без тоа македонската левица и  десница, никогаш нема да се помират. Без тоа помирување, ќе нема целосен македонски национализам и патриотизам. Без македонски национализам и патриотизам името Северна Македонија нема да може да се смени.

Судбината знае да се подбива со луѓето. На 2 август, оваа година, го доживеавме тоа. Доживеавме на Мечкин камен, каменот светилник на нашиот непокор и нашите жртви, говор да држи човек кој нема кичма. Човек кој не знае што е тоа исправена глава. Било и не се повторило. Но, не и заборавило. Ликот и делото на г. Заев не треба да се заборават. Напротив, за да не се повтори, треба да останат запаметени во нашата индивидуална и колективна свест. Од него треба да се направи страшило, кое катадневно ќе ги потсетува и идните генерации дека управувањето со државата и нацијата не се препушта секому.

Автор: проф. д-р Јован Донев за НетПрес