Зафировски: Метлата на Заев беше предупредување до директорите да ги натераат вработените да гласаат во вториот круг

142

Најавената метла беше предупредување  до директорите по институциите, владини и државни да ги стиснат своите вработени и да ги изнесат на вториот круг на претседателските избори за да гласаат, затоа што ако не го сторат тоа ќе ги снајде метлата, изјави поранешниот претседател на антикорупциска, Воислав Зафировски,  во Отворено на Алфа телевизија.

Тој истакна дека бидејќи нивниот кандидат победи, и сега откако завршија изборите, дефинитивно од метлата на Заев нема да му остане ни дршката во рака, а тоа го докажуваат и многу примери на функционери од оваа власт кои наместо да бидат разрешени тие беа наградени.

Во минатото имавме многу случаи каде што многу луѓе можеби требаше и кривично да бидат гонети, а беа и наградени,  како на пример директорот на БЈБ со екскурзијата на ќерка му во Грција со службено возило,  и наместо за тоа да одговара онака ако што доликува тој беше награден со тоа што му беше доделен секторот за борба против организиран криминал во МВР, вели Зафировски.

Тој потенцираше дека оваа влада игра на картата на кратко помнење и тоа е нивната игра и го посочи и примерот со директорот на затворот Шутка, за кој најпрво се велеше дека  ќе биде разрешен после изборите, но еве тие поминаа, а за тоа никој повеќе не зборува.

Ова сега што се прави веројатно се прави со цел да се замаи јавноста, а во позадина се подготвува испорака на договорното за сработеното со ДУИ, Алијанса и БЕСА, помеѓу двата круга, нагласи Зафировски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.