Загадена водата за пиење од јавните водоводи и чешми во девет села во Виничко

Бактериолошко загадување на водата за пиење е утврдено по најновите испитувања на јавните чешми и водоводи во девет села во општина Виница, поради што е издадена забрана за нивно користење.

Анализите на примероците вода што ги направиле стручните служби од Центарот за јавно здравје од Кочани покажале кај сите покажале присуство на колиформни бактерии, цревни ентерококи и ешерихија коли, а во три села е утврдено и отстапување од дозволените параметри за физичко-хемиска исправност.

-Испитаните примероци од локалните водоводи во селата Лаки, Липец, Пекљани, Драгобрашта, Трсино и во Божанско и Јуручко Маало во селото Виничка Кршла не одговараат на законските и стручни прописи во однос на параметрите за бактериолошка анализа. Регистриран е зголемен вкупен број бактерии на температура од 22 и 36 степени Целзиусови во еден милилитар вода. Анализите на примероците од селата Крушево, Трстија и Калиманци не одговараат на законските прописи за микробиолошка и физичко-хемиска анализа, со зголемена потрошувачка на калиум перманганат. Во водата нема присуство на резидуален хлор како што е пропишано во Правилникот за барањата за исправност и квалитет на водата за пиење, поради што да не се употребува за пиење, лична хигиена и за миење свежо овошје и зеленчук, се истакнува во писмениот извештај од Центарот за јавно здравје.

Во препораката што е испратена до Општина Виница, која има надлежност за јавните чешми и водоводи во населените места, нагласена е обврската да се постават информативни табли со натписи дека водата не е безбедна за користење. Потребна е нејзина соодветна преработка, односно таложење, флокулација, коагулација и филтрирање, како и редовна дезинфекција со хлор за да може повторно да се употребува.

Проблемот со загаденоста на водата во населените места во Виничко е актуелен повеќе години, а за него треба да расправа и Советот на Општината на претстојната седница закажана за идната недела.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.