Загадениот воздух го „прослави“ Скопје и во светските медиуми

И денеска, според глобалната апликација Ер Вижуал („Air Visual“), Скопје го зазема високото петто место на најзагадени градови во светски рамки.

Суровиот факт дека македонската престолнина во зимскиот период е една од најзагадените во светот, е вест и на странските медиуми веќе извесен период.

И денеска, според глобалната апликација Ер Вижуал („Air Visual“), Скопје го зазема високото петто место на најзагадени градови во светски рамки.

Бугарскиот портал Новини.бг во денешен текст за загадениот воздух во Скопје,  пишува дека во 2018 година, Светската здравствена организација (СЗО) го посочи  Скопје како град со најзагаден воздух во Европа. Според СЗО, оваа ситуација предизвикува предвремена смрт на повеќе од 2500 лица годишно во земја со 2.1 милиони жители. А, освен овој град, со екстремна аерозагаденост се соочуваат и Тетово и Куманово.

Сингапусркиот портал straitstimes.com, пишува дека повеќе од 100 деца се лекуваат во институтот за респираторни заболувања во Скопје, во град со околу 500.000 луѓе. Најмладиот пациент е стар два месеци.

Во текст на „Дојче веле“ насловен „Скопје: Добредојдовте во најзагадениот град во Европа“, освен што се потенцира дека главниот град на Република Македонија е еден од најзагадените градови во светот, властите преземале итни мерки за борба против високото нивоа на загадување на воздухот, но, без ефекти.

За загадениот воздух во Скопје, пред десетина дена објави и seattletimes.com, кога поради восокото ниво на токсични честици во воздухот, беше пролонгиран зимскиот распуст на учениците. Слична вест беше објавена и на Washington post.