Загаденоста на воздухот го намалува животниот век на луѓето

Загаденоста на воздухот го намалува очекуваниот животен век на секој маж, жена и дете на Земјата за скоро две години, според податоците објавени во вторникот, за кои експертите тврдат дека покажува дека слабиот квалитет на воздухот е „најголемиот ризик по здравјето на луѓето“, пишува „Н1“.

Животниот индекс за квалитет на воздухот (AQLI) соопшти дека додека светот се обидува да пронајде вакцина за да ја доведе под контрола пандемијата на Ковид-19, загаденоста на воздухот продолжува да го крати животот на милијарди луѓе.

Индексот ги претвора загадените честички на воздухот – главно од согорување фосилни горива – во негови последици врз здравјето на луѓето.

Студијата покажала дека и покрај значително намалување на загадените честички во Кина, некогаш една од најзагадените земји во светот, нивото на загаденост остана стабилно во последните две децении.

Во земји како Индија и Бангладеш, загадувањето на воздухот е толку сериозно што во некои региони го намалува животниот век за скоро една деценија.

Авторите на индексот тврдат дека квалитетот на воздухот што го дишат луѓето е далеку поголем ризик по здравјето од Ковид-19.

„Иако заканата од коронавирус е сериозна и го заслужува целото внимание кое ѝ е посветено, прифаќањето на загадувањето на воздухот со сличен став би им овозможило на милијарди луѓе да живеат подолги и поздрави животи“, рече Мајкл Гринстоун, креатор на AQLI.